Во Германија затворена филијалата на пропаднатата американска банка SVB

Германскиот финансиски регулатор BaFin извести во понеделникот дека ја затворил филијалата на пропаднатата американска банка „Silicon Valley Bank“ (SVB), истакнувајќи дека нејзиното работење не претставува закана за финансиската стабилност на секторот во земјата.

Германската филијала на „Silicon Valley Bank“ е затворена затоа што е доведена во опасност исполнувањето на обврската кон доверителите, појаснуваат од BaFin, истакнувајќи дека воедно банкротот на американската банка нема поширок ефект врз германскиот банкарски сектор.

„Проблемот на Silicon Valley Bank Germany Branch не претставува закана за финансиската стабилност“, утврдиле во BaFin, додавајќи дека издале забрана за продажби и плаќања на банката.

Германската филијала започнала со работа на 30-ти мај 2018 година, а се занимавала со кредитирање на компании. Според BaFin, институцијата чиешто седиште е во германската финансиска престолнина Франкфурт во Германија немала депозити од клиентите, така што мораториумот нема „никакви последици за осигурувањето на депозитите во Германија“. Од BaFin објавија и дека вкупниот биланс на германската филијала на „Silicon Valley Bank“ изнесувала 789,2 милиони евра, односно 843 американски долари, според финансискиот извештај од 2022 година.

„Silicon Valley Bank“ имаше филијала и во Велика Британија, па британската влада и тамошната централна банка Bank of England (BoE) во текот на викендот одржаа итен состанок за да се спречи нејзиното крахирање. Во понеделникот утрото британската комерцијална банка HSBC објави дека ја купува „Silicon Valley Bank UK“ за една фунта. Беше објавено дека филијалата на 10-ти март имала заеми од околу 5,5 милијарди фунти и околу 6,7 милијарди фунти во депозити.

Американската агенција за осигурување на депозитите FDIC објави во петокот дека ја преземала „Silicon Valley Bank“ со седиште во калифорниската Силиконска (Силициска) долина, специјализирана за финансирање на стартапите, односно клиентите почетници.

Банката е основана во 1983 година во Калифорнија, а се најде под притисок поради подигнатите клучни каматни стапки од страна и се покажа дека банкротот на „Silicon Valley Bank“ е поврзан со зголемувањето на клучните каматни стапки од страна на американската централна банка Federal Reserve (Fed), што довело до депресијација на активните на многу финансиски институции.

Зголемените камати за клиентите на Fed го отежнаа набавката на пари со продажба на акциите и понудите за приватните инвеститори. Затоа стартапите започнаа со повлекување на депозитите, а трендот остро забрза минатата седмица. Повлекувањето на депозитите по неуспешниот обид за итна докапитализација предизвика колапс на банката.