Во Грција недостасуваат 12.000 наставници

Денеска во Грција официјално почна учебната година за учениците во основното и средното образование, но со недостиг од 12.000 наставници, јави дописникот на МИА од Атина.

Учениците денеска ќе ги добијат книгите и ќе се запознаат со нивните наставници, а во исто време синдикатот на наставниците во основното образование соопшти дека недостига кадар за околу 12 илјади работни места.

Министерството за образование соопшти дека од  1 септември се вработени 4.900 наставници на замена како дополнување на вкупно 127.033 наставници. До крајот на месецов ќе бидат вработени уште 10 илјади наставници на замена, а подготвени ќе чекаат уште илјада.

Грчката полиција соопшти дека во училишта низ целата земја ќе се воведе интегриран систем за безбедност со цел заштита на учениците. Тоа значи 24-часовен надзор од страна на тајни агенти за спроведување на законот, како и редовни патроли на моторизираните единици ДИАС. Полицијата исто така ќе интервенира при проверки на безбедноста на училиште автобуси, инсталациите, како и со цел спречување на криминал.

Министерството за образование соопшти и дека, покрај сето ова, училишните кантини редовно ќе се проверуваат дали се во согласност со здравствените прописи.