Во Грција уапсен македонски државјанин, во Германија направил хаос

При влез во Грција, бил уапсен 52 годишен државјанин на Македонија кој се барал со европска потерница,  распишана од германските власти за учество во мрежа што пред 13 години крадела податоци од картички на банкомати, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Според потерницата, 52-годишниот, во 2006 од два банкомати во Минхен, украл податоци и лозинки на кредитни и дебитни картички со поставување на микроскопски чипови што ги снимале податоците и со поставување на дополнителна тастатура.

Заедно со уште две лица со украдените податоци правеле картички – клонови и подигале пари во различни земји, предизвикувајќи штета од над 1.3 милиони евра, од кои над 200 илјади само во Германија. Мрежата била активна и во Македонија, Грција, Италија, Франција и Бугарија.

Според АНА-МПА, уапсениот бил изведен пред јавен обвинител во Солун, а во следниот период надлежниот суд ќе одлучи дали 52-годишниот ќе биде екстрадиран во Германија или не, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.