Во Хамбург победа на SPD, првпат по подолго време AfD не го мина прагот

На изборите во неделата за локалниот парламент на германскиот град – сојузна земја Хамбург, Социјалдемократската партија на Германија (SPD) по подолго време оствари убедлива победа, додека исто така првпат во последните неколку години евроскептичната и антидоселеничка Алтернатива за Германија (AfD), како резултат на жестоката медиумска кампања против неа за малку не успева да го мине изборниот праг.

Според прелиминарните нецелосни резултати, SPD освоите, 37,6 отсто, Зелените 25,5 проценти, а конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларката Ангела Меркел освоила 11,4 а радикалната лева партија Левица – 9,1 отсто од гласовите. Либерално-демократската партија (FDP) освоила 5 отсто, и веројатно повторно ќе влезе во парламентот на Хамбург, а AfD со 4,7 отсто од гласовите во моментов не го минува изборниот праг.

Ова е првпат во последните неколку години AfD да не го минува изборниот праг на некои избори во Германија, откако по само пет години од постоењето влезе во сојузниот и во сите 16 покраински парламенти.

„Ова е величествена вечер. SPD победи бидејќи во Хамбург јасно се концентриравме на нашите задачи и граѓаните тоа го препознаа“, изјави кандидатот на SPD на изборите во Хамбург и актуелен градоначалник Петер Ченчер, и покрај фактот дека социјалдемократите во споредаба со претходните избори во овој град-сојузна земја загубиле 8 отсто од гласовите.

Партијата Зелени изрази задоволство од својот историски најдобар резултат во Хамбург и подобрувањето од 13,5 отсто во споредба со последните избори.

Кандидатите на SPD и на Зелените навестија дека имаат намера да ја продолжатн меѓусебната коалиција која последните пет години беше на валст во Хамбург.

Генералниот секретар на CDU, Паул Зиемјак, изјави дека најсланиот резултат на демохристијаните во Хамбург во повоена Германија е „горко искуство“. За лошиот разултат ги обвини превирањата во врвот на партијата откако во Тирингија локалниот CDU заедно со AfD ги поддржа изборот на кандидатот на FDP, со што беше попречен изборот на кандидатот на Левица која не можеше да се договори за поддршка со SPD. Поради ваквата соработка, челничката на CDU, актуелната министерка за одбрана Анагрет Крамп-Каренбауер, која се смета за политичко протеже на Меркел, најави повлекување.

Веројатното излегување на AfD од парламентот во Хамбург многумина го прославија, а во изборните штабови на SPD и Зелените по објавувањата се слушале повиците „Нацистите надвор“.

Сепак, политичките аналитичари предупредуваат дека изборите во Хамбург не можат да се споредат и на остатокот од земјата, каде што се забележани поинакви трендови. „Треба да се биде многу претпазлив, Хамбург на е остатокот од Германија“, изјави политикологот Јулија Рушенбах за јавниот сервис ARD.

Во испитувањето на јавното мнение AfD во остакот од Германија ужива поддршка од околу 15 отсто од изборачите, а во некои источногермански сојузни земји и над 20 отсто.

Од AfD за лошиот резултат во Хамбург ја обвинија медиумската кампања којашто оваа партија ја поврзуваше со расистички мотивираниот терористички напад во Ханау во средата во кој беа убиени девет лица, иако убиецот не бил поврзан на ниеден начин со оваа партија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.