Во Херсон ликвидирана украинска диверзантска група

Во центарот на градот Херсон, во јужна Украина, припадниците на руските единици кои го држат градот под контрола во саботата вечерта неутрализирале диверзантско-разузнавачка група на украинските вооружени сили, пренесуваат руските агенции повикувајќи се на извори од сепаратистичката проруска администрација во регионот и оперативните безбедносни служби.

„Идентификувана е група вооружени луѓе кои пружале отпор. Руските безбедносни сили брзо излегоа на местото и ги неутрализираа… Нема жртви и повредени меѓу цивилното население. Престрелката е завршена“, изјавил за агенцијата ТАСС неименуван претставник на руските безбедносни служби без да наведе од колку лица се состоела наводната диверзантска група.

Претходно вечерва, медиумите информираа дека во центарот на Херсон, на булеварот „Ушаков“ во близина на тамошната железничка станица се слушале истрели од автоматско оружје. Покрај тоа, имаше информации дека градот го потресле неколку експлозии, кои се припишуваа на руската противвоздушна одбрана.

Само неколку часа претходно руското Министерство за одбрана објави во дневниот брифинг дека во саботата руските единици во регионот Херсон одбиле обид за пробив на украинските сили крај селото Правдино.

Според тврдењето на Москва, во нападот изведен со две чети со поддршка на девет тенкови и 16 оклопни борбени возила на 28-та механизирана бригада на украинските вооружени сили, но биле запрени и принудени да се повлечат, и притоа „за само неколку часа“ руските вооружени сили уништија повеќе од 120 украински војници, седум тенкови и 13 пешадиски борбени возила.

 

Жестоки борби во Доњецк

Украинските сили се обиделе да воспостават понтонски премин на рабните подрачја на Доњецкиот регион, но во одговорот на здружените сили на проруските сепаратисти и руската војска биле уништени околу 70 украински борци и 18 единици воена опрема, соопшти вечерта во саботата вечерта челникот на самопрогласената Доњецка Народна Република, Денис Пушилин во видеопорака објавена на неговиот Telegram канал.

Пушилин, исто така, негираше дека украинската војска целосно ги контролира селата Диброва и Шчурово во близина на градот Красни Лиман, како што претходно објави Киев, додавајќи дека во тие реони се водат жестоки борби.

„Што се однесува до Диброво, Шчурово, непријателот денеска напиша дека се целосно под нивна контрола. Продолжуваат борбите во североисточниот дел на Шчурово, каде што денеска се водат многу жестоки судири, а во Доброво има наша единица во режим на борбени дејствија со непријателот“, го цитира Пушилин агенцијата РИА.

Според челникот на доњецките сепаратисти, украинската војска на минимум ги свела акциите со диверзантско-разузнавачки групи во правецот на Красни Лиман и минала во артилериско гранатирање на градот и блиското село Јампол.

Пушилин оценил дека е тешка ситуацијата во селото Јароваја, северозападно од Красни Лиман, додавајќи дека украинските војници даваат силен отпор во обидот да бидат истиснати од таа позиција.

„Што се однесува до Јароваја, ситуацијата исто така не е лесна, непријателот таму, вечерва сѐ уште не е потиснат“, рекол Пушилин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.