Во Хрватска 225 новозаразени со коронавирусот, еден починат

Во Хрватска во изминатите 24 часа потврдени се 225 нови случаи на зараза со коронавирусот а едно лице починало, соопшти во неделата Националниот штаб за цивилна заштита.

Бројот на активните случаи во моментов во Хрватска е 2.758. Од нив 296 пациенти се на болничко лекување, од кои 21 се на респиратори.

Од 25-ти февруари, кога во земјата е забележан првиот случај на коронавирусот, досега се регистрирани вкупно 11.964 заразени лица, од кои 198 починале а 9.008 закрепнале.

Во самоизолација во Хрватска во моментов има 8.964 лица. Заклучно со неделата вкупно се тестирани 191.360 лица, од кои 3.509 во последните 24 часа.

Од понеделник во неколку региони ќе се примениваат построги епидемиолошки мерки, со кои, меѓу другото, на свадбените свечености бројот на гостите се ограничува на 50 лица, а на другите приватни свечености на 20 гости. Погребите исто така ќе се изведуваат со присуство на 50 лица, а опелата и помените само во кругот на семејствата со најмногу 20 лица, а сочуство не смее да се изразува со близок контакт.