Во Хрватска се урна борбен авион „МиГ-21“

Бробен авион од советската ера од моделот „МиГ-21“ се урнал во вторникот во ненаселена шумска област меѓу местата Слатина и Дарувар, во западнито дел на источниот хрватски регион Славонија, објави во вторникот тамошното Министерство за одбрана, пренесуваат медиумите,.

Несреќата се случила околу 14 часот додека авионот бил на планиран тренажен лет, а според веб-страницата за следење летови Flightradar, во потрагата по двочлениот екипаж е вклучен полициски хеликоптер.

Хрватското Министерство за одбрана го потврди инцидентот, но не ги потврди медиумските извештаи дека наводно еден од пилотите, кој се катапултирал се јавил, додека се трага по вториот.

Хрватските воздухопловни сили располагаат со ескадрила советски „МиГ-21“ кои датираат од поранешна Југославија, но тие се застарени и малку од нив се во работна состојба. Според процените, нивниот работен век истекува во 2024 година.

Хрватска, која е членка на НАТО од 2009 година, е во процес на обновување на својата борбена флотила  и според ланските најави ќе набави 12 француски борбени авиони „Rafale“ за да ги модернизира своите воздушни сили во договор вреден 999 милиони евра.

Пакетот ќе вклучува авиони, обука на екипаж и оружје, според хрватските медиуми. Првите шест такви воени авиони ќе бидат испорачани во 2024 година, а останатите – следната година.