Во Ирак уапсен можниот наследник на лидерот на ИД

Ирачките разузнавачки служби во средата објавија дека го уапсиле веројатниот наследник на убиениот водач на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД), Абу Бакр ал-Багдади.

„Денеска (среда – з.р.) беше уапсен терористот Абдел Насер Кардаш, кој беше претендент за наследник на злосторникот ал-Багдади. Апсењето беше изведено врз основа на веродостојни информации“, се наведува во соопштението кое го цитира телевизијата Alsumaria.

Во прилогот се додава дека апсењето на Кардаш е извршено само еден месец откако поранешниот шеф на ирачката разузнавачка служба Мустафа ал-Кадими ја презеде премиерската функција во Ирак.

Вистинското име на Кардаш, кој е познат и по псевдонимите Абдал Крадаш и Аби Омар ал-Туркмани, е Амир Михамед Саид Абдел Рахман ал-Мавл. Роден е во 1976 година во оралкиот град Тал-Афар во туркменско семејство. Студирал шеријатско паво на универзитот во Мосул. Претходно бил припадник на терористичката мрежа Ал Каеда, и важи за еден од нејзините идеолози.

Според некои извештаи, Кардаш се запознал со ал-Багдади во 2004 година во аамериканскиот затвор „Кемп Букка“ во Ирак, каде двајцата биле затворени и од каде мистериозно и двајцата се ослободени. Кардаш бил еден од основачите на групацијата која подоцна се оддели од Ал Каеда обвинувајќи ја за „недостиг од радикалност“, учествувал во создавањето на нејзината идеологија и во планирњето на низа операции.

Како што сметаат безбедносните експерти, Кардаш е еден од главните покренувачи на геноцидот врз етно-конфесионалната заедница језиди на северот од Ирак, како и на една од најстарите христијански заедници во историјата во рамнината Ниневија. Кардаш се наоѓа на американската листа на најбарани терористи од 2015 година, и по него САД распишаа награда од 5 милиони долари.