Во Ирак убиени најмалку 40 демонстранти во изминатите 24 часа

Ирачките сили за безбедност убиле најмалку 40 антивладини демонстранти во последните 24 часа додека насилството ескалира во престолнината Багдад и на југот од земјата, наведуваат официјални претставници.

Демонстрантите завчера го запалија иранскиот конзулат во светиот шиитски град Наџаф, на југот од земјата, што Иран остро го осуди, јавија американските медиуми. Оттогаш насилството ескалира, а силите за безбедност во јужниот дел од земјата убија 36 демонстранти, додека 245 се ранети. Уште четворица демонстранти се убиени во Багдад, а повредени дополнителни 22-ца.

Немирите и протестите го потресуваат Ирак од 1 октомври , а најизразени се во Багдад и поголемиот дел од јужните, доминантно шиитски, градови.

Демонстрантите ја обвинуваат владата, предводена од шиитите,  дека ја штити корупцијата и го истакнуваат незадоволството од лошите услуги во јавните служби и високата невработеност.

Оттогаш силите за безбедност убиле 350 демонстранти низ земјата, при што редовно користат боева муниција и солзавец  во растерување на демонстрантите, потсетуваат агенциите.