Во истрагата за самоубиствените напади во Шри Ланка, уапсени 29 лица

Полицијата уапсила најмалку 29 лица во рамки на истрагата за самоубиствените напади на Шри Ланка во коишто загинаа најмалку 290 луѓе, а ги извеле шест или седум бомбаши самоубијци, соопштија властите и објавија нов полициски час кој стапува на сила во понеделникот вечерта по локално време.

Претходно во понеделникот беше објавено дека се уапсени 25 осомничени. Подоцна телевизијата News 1st, повикувајќи се на полицијата објави дека уште четири мажи се уапсени во градот Гампола и во предградие на градот Канди, кои се во централниот дел на островската земја.

Аналитичарот на владата Н. Велинага изјавил за новинарите дека трите напада во црквите и трите напада во лускузните хотели биле изведени од бомбаши самоубијци. Владиниот оддел експерти во рамките на министерството за одбрана истражува дали двајца бомбаша биле вклучени во еден од нападите во еден хотел, што би значело дека биле вклучени седум бомбаши самоубијци. Полицискиот портпарол Руван Гунасекара рекол дека уапсените мажи, сите локални жители, ги испитува одделот за кривични дела.

Досега во истрагата е лоциран камион за кој се претпоставува дека ги превезувал бомбашите самоубијци и куќата во којашто престојувале во предградие на главниот град Коломби. Во неделата ноќта во близина на аеродромот е откриена и деактивирана импровизирана експлозивна направа во пластична цевка, рекол потпаролот на воздухопловните сили.

Во понеделникот утрото беше укинат полицискиот час. Се очекува дека училиштата и факултетите ќе останат затворени, но владата најави нов полициски час кој ќе стапи на сила во 20 часот по локално време. За да се ограничи движењето, земјата со 21 милион жители прогласи два неработни дена, меѓутоа многу службеници сепак во понеделникот се јавиле на работните места.

За серијата координирани екслозии сѐ уште никој не ја презема одговорноста. Премиерот Ранил Викремесинга рече дека ќе побара помош од странство за да се открие дали напаѓачите се поврзани со меѓународниот тероризам. Агенцијата АFP во неделата објави дека поседува документ кој покажува дека началникот на полицијата на Шри Ланка, Пујут Џајасундара, пред десет дена издал предупредување до водствата на безбедносните сили и служби за можни бомбашки напади на бомбаши самоубијци врз цркви.

„Странска разузнавачка агенција нѐ извести дека NTJ (National Thowheeth Jama’ath) планира да изведе самоубиствени напади, насочени на познати цркви, како и на индиската амбасада во Коломбо“, го цитира агенцијата документот. NTJ е радикална исламистичка групација од Шри Ланка која минатата година беше поврзувана со вандализациите на будистичките споменици.

Експлозиите се случиле во текот на велигденската литургија во католичките цркви во Ногомна, Батикалоа и Коломбо, и во три луксузни хотела во Коломбо. Бројот на загинатите се зголеми, бидејќи уште луѓе им подлегнале на повредите во болниците, а пронајдени биле уште неколку тела. Најмалку 35 странци загинале во експлозиите, а уште 19 се хоспитализирани. Досега беше објавено дека во експлозиите на Шри Ланка загинале државјани на Данска, Јапонија, Пакистан, Мароко, Индија, Бангладеш, Кина, Холандија, САД, Турција и Велија Британија.