Во Италија и Франција рекордни бројки на новозаразените, расте бројот смртни исходи од Covid-19

Италија и Франција во четвртокот известија дека забележале рекордни бројки на новозаразените со коронавирусот на дневно ниво, а Италија и најголем дневен број на починати од почетокот на мај.

Во Италија во изминатите 24 часа се регистрирани 34.505 нови случаи на коронавирусот, што е раст во однос на 30.550 зарази од средата и највисок дневен број на новозаразените досега, објави италијанското министерство за здравство.

Организацијата на француските јавни здравствени служби во четвртокот, пак, извести дека во земјата во последните 24 часа се регистрирани 58.046 нови случаи на зараза со коронавирусот, што е втор рекорден број во последните четири дена. Во средата Франција забележа 40.558 нови коронаинфекции.

Италија во четвртокот пријави 445 нови смртни исходи поврзани со Covid-19, а ден претходно имаше 352 починати. Последен пат Италија забележа повеќе од 400 починати на 2-ри мај.

Досега во земјата поради компликации предизвикани од заразата со вирусот SARS-CoV-2 починале 40.192 лица, со што Италија стана шестата земја во светот која има повеќе од 40.000 смртни исходи.

Бројот на лицата во Франција чијашто смрт се поврзува со Covid-19 во четвртокот се зголеми за 363 на вкупно 39.037 починати. Во средата имаше 385 починати, а дневниот просек за последните седум дена е 431 смртен исход.

Во Италија и натаму најпогоден е северниот регион Ломбардија која во четвртокот имаше 8.822 заразени, а во средата 7.758 нови случаи на коронавирусот. Јужниот регион Кампанја е втор според бројот новозаразени со 3.888 случаи.

Од почетокот на пандемијата во Италија се регистрирани 824.879 случаи на заразата со новиот коронавирус.

Во Франција, пак, досега се регистрирани 1.601.367 случаи на зарази со коронавирусот.