Во Италија се затвораат сите локали и продавници, освен прехранбените и аптеките

ANSA/MATTEO CORNER

Италијанскиот премеир Џузепе Конте ја објави во средата ноќта владината одлука според којашто во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот на 15 дена се затвораат сите барови, ресторани, фризерници и сите продавници, освен дуќаните со прехранбени производи и аптеките.

„Ги затвораме сите продавници, кафеаните, пабовите, рестораните. Ќе бидат дозволени доставувања на продуктите до домовите. Ефектот од овој потег ќе биде видлив за 14 дена“, рече Конте.

Италијанскиот премиер уште во вторникто најави построги мерки со ограничено движење и забрана за собири на отворени и затворени простори за 60-те милиони Италијанци, коишто ќе бидат на сила до 3-ти април.

По Кина, Италија е втората најзафатена земја во светот од пандемијата со коронавирусот, со 827 починати и 12,.462 заразени, според последните податоци објавени во средата вечерта.

Фунцкионери од регионот Ломбардија, најпогодениот со 617 починати, веќе неколку дена бараат од владата да ги заостри рестриктивните мерки.

Конте додаде дека нема да биде прекинат јавниот транспорт. Индустриите и фабриките ќе може да продолжат со производството под услов да преземат соодветни безбедносни мерки за избегнување на заразата, додаде премиерот.

Во обидот за избегнување на уривањето на третата според обемот европска економија како последица од намалените стопански активности, владата во Рим во средата најави деблокирање на 25 милијарди евра.