Во Италија смртноста зголемена за 20 отсто во март

Стапката на смртност во Италија во периодот од 1-ви март до 4-ти април се зголемила за повеќе од 20 отсто, покажуваат податоците на Националниот институт за статистика (Istat) објавени во петокот.

Според ова истражување, со коешто биле опфатени 1.689 градови и населени места ширум Италија, највисоката стапка на смртност е забележана меѓу мажите и воопшто лицата постари од 74 години.

Од Istat забележуваат дека податоците од општините се ажуририраат на дневна основа и може целосно да ги одразуваат податоците за целото население во земјата. Како период со кој се споредува тековната статистика, се замаат истите временски интервали од 2015 до 2019 година.

Најпогодени градови се Бергамо со пораст од дури 382,8 отсто смртни исходи и Крема исто така на северот од земјата во регионот Ломбардија со 311 отсто, како и Пјаченца со плус 309,1 отсто, која се наоѓа во регионот Емилија-Ромања. Во двата региона, инаку, регистрирани се половината од сите случаи на заболувањето Covid-19 и дури 65 отсто од смртните исходи поради заразата со новиот тип коронавирус.

На почетокот од април Istat објави дека бројот на починати во март во северна Италија е двојно зголемен во истиот период во последните четири години.

Според најновите официјални податоци објавени во четвртокот вечерта од шефот на Агенцијата за цивилна заштита, Анџело Борели, во Италија се регистрирани повеќе од 168.000 случаи на зараза со коронавирусот, заздравени се над 40.000 пациенти, а бројот на починатите надмина 22.000 луѓе.

Но неодамнешните процени укажуваат на забавување на ширењето на коронавирусот во Италија, па така во вторникот беше забележан рекорден мал број нови случаи на инфекција од почетокот на епидемијата – 675, како и постепено намалување на бројот на хоспитализациите.