Во израелски напад во Газа убиен новинар на палестинската новинска агенција

Службената палестинска новинска агенција Wafa извести во вторникот дека еден од нејзините новинари е убиен во израелски напад во Газа.

Новинарот Мохамад Абу Хасира е убиен во „израелско бомбардирање при што е целена неговата куќа близу рибарското пристаниште западно од градот Газа“, објави агенцијата додавајќи дека во нападот загинале и 42 члена од неговото семејство, „меѓу кои се и неговите деца и браќа“.

Како што објави службата за односи со јавноста на владата на радикалното движење Хамас во Газа, израелското бомбардирање е изведено ноќта кон понеделникот, а телото на новинарот од под урнатините е извлечено во вторникот утрото.

Во четвртокот службената палестинска телевизија објави дека еден од нејзините дописници во Појасот Газа, Мохамад Абу Хатах е убиен во израелски напад врз неговиот стан во градот Кан Јунес.

Комитетот за заштита на нивинарите во понеделникот извести дека од почетокот на војната на Израел кој тврди дека ја води против Хамас започната на 7-ми октомври, убиени се најмалку 36 новинари и медиумски работници, меѓу кои 31 Палестинец, четворица Израелци и еден Либанец.