Во Карбинци полицијата пронајде 15.500 стебла вредни 5 милиони евра

Околу 15.500 стебла од растението канабис сатива, од кои при берба би се добиле околу 8 тони марихуана со пазарна вредност од над 5 милиони евра, се пронајдени и одземени во подрачјето на општина Карбинци, соопшти полицијата.

Во акцијата на полициски службеници од Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал – Сектор за криминалистички истраги и од Единицата за недозволена трговија со дрога, во координација со СВР Штип, во текот на вчерашниот ден се уапсени три лица од Карбинци, на возраст од 36 до 56 години.

На површина од околу 1300 квадратни метри биле засадени околу 15.500 стебла од растението канабис сатива, од кои дел во цветови.

На пет локации во Карбинци се извршени претреси во врска со производство на наркотична дрога марихуана, при што кај едно лице се пронајдени 690 растенија канабис, кај второто лице 36 растенија, а во нива сопственост на третото лице се пронајдени 15.415 растенија канабис, изјави портпаролка на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.