Во касарната во Велес промовирани 149 нови подофицери на Армијата

Во кругот на Командата за обука и доктрини при касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес денеска на свеченост беа промовирани во прв подофицерски чин 149 нови подофицери на Армијата, припадници на разни Единици на Армијата на Република Северна Македонија.

Mеѓу нив се и 13 жени промовирани во прв чин подофицери, кои во изминатите два месеци се обучуваа во велешката касарна.

На свеченоста присуствуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на ГШ на Армијата генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски, како и генерали и претставници на Министерството за одбрана.

Министерката Петровска во своето обраќање до присутните истакна дека тие се гордост на Армијата, го чуваат територијалиот интегритет на нашата држава, безбедноста на граѓаните и мирот и сигурноста за сите во државата.

– Денешниот ден носи и нова одговорност во Вашите животи, бидејќи Вие сте тие кои ќе ги водите младите војници и во чии обуки тие треба безрезервно да веруваат. Вие бевте предложени од страна на Вашите претпоставени и благодарение на вашите способности и подготвеност. Но, и бидејќи веруваа во Вас и вашите капацитети дека вашиот индивидуален квалитет може дополнително да придонесе за развој на армиските капацитети.Бидете горди на ова ваше постигнување,но не застанувајте тука продолжете со вашата иницијативност и упорност и бидете пример за останатите, им порача министерката Петровска.

Таа потенцира дека тие се клучна алка во синџирот на Армијата, првите што стојат до професионалните војници и тие кои им го пренесуваат искуството, кои ќе им ги дадат вистинските насоки да станат вистински професионалци.

– Затоа со свој личен пример покажете им како се сака Армијата и како се сака државата,порача министерката Петровска.

Петровска најави дека од утре ја прават промоцијата на новите професионални војници,со што, подвлече, заокружуваат една убава година во која донесоа многу заеднички одлуки во корист на подобрувањето на условите и стандардите за сите припадници на Армијата.

Меѓу другото најави дека ќе продолжат да одговараат на барањата на Генералштабот и ќе направат се’ Армијата да биде соодветно потполнета, но истовремено и модернизирана согласно стандардите.

Петровска порача дека нивна обврска е да креираат кадар, но и услови и современи алатки за работа и да одговорат на нивните потреби кои дополнително влијаат на јакнењето на мотивацијата.

Министерката Славјанка Петровска потенцира дека сега пред нив се отвораат нови врати, можности за доедукација, усовршување, курсеви и обуки во сојузничките земји каде ќе го надоградат нивното знаење.Таа им упати благодарност на нивните инструктори и обучувачи од Командата за обука и доктрини и од останатите единици.

На свеченоста од страна на министерката Петровска и началникот на ГШ на Армијата, генерал – потполковник Ѓурчиновски им беа доделени признанија на тројцата најдобри.Од нивно име се обрати прворангираниот подофицер Мирослав Начков.

– Ви благодариме на укажаната доверба да станеме подофицери на Армијата.Убеден сум дека таа доверба стројот пред вас ќе ја оправда во целост. Но тоа не беше пречка преку призмата на армиските вредности да работиме сплотено како еден, во остварување на заедничката цел. Денес со гордост можам да кажам дека таа цел е постигната. Класа 1-22 , изградивме колектив.Тоа не го направивме сами, имавме огромна поддршка од целиот инструкторски тим,во името на сите едно големо благодарам, порача прворангираниот подофицер Начков, од свечената говорница.

Првиот подофицерски чин на промовираните од свечената говорница им го честата и Командантот на КОД полковник Васко Коколански.

– Денеска вие остваривте една ваша цел и амбиција.Денеска Армијата се збогати и ги зајакна своите капацитети посебно со лидери на основното тактичко ниво.Денеска произведувајќи ве во вашиот прв подофицерски чин, може да погледнете два месеци претходно кога истапивте од стројот, дојдовте и го поминавте циклусот на обука која беше захтевна, динамична и која од вас бараше исполнителност, одговорност, трудољубивост и постојаност во извршувањето на задачите. Вие градевте и ги вградувавте Армиските вредности,чесност,одговорност, исполнителност, професионалност и лојалност на самиот колектив и изградивте цврст колектив. Сега кога ќе се вратите во вашите единици ќе имате друга улога да бидете лидери кои ќе мотивираат ќе инспирираат и ќе водат, им порача на новите подофицери на Армијата полковник Коколански.