Во Кина последни подготовки за лансирање на мисијата на Марс

Ракетата носач „Чангженг-5“ (Големиот поход), која треба да ја донесе првата кинеска сонда директно во транзитната орбита меѓу Земјата и Марс, е доставена на просторот за лансирање на космодромот Венчанг на островот Хајнан, соопшти во петокот Кинеската корпорација за аерокосмички науки и технологии (CASC).

„Планирано е во периодот од втората половина на јули до првата половина на август, ќе биде лансирана првата кинеска мисија за истражување на Марс ‘Тјанван-1’“, се наведува во соопштението.

Претходно на споменатиот космодром била транспортирана сондата „Тјанван-1“ дизјанирана за истражувања на Марс. Според кинеските медиуми, лансирањето може да се случи веќе на 23-ти јули. Според првичните пресметки, на сондата ќе ѝ бидат потребни седум месеци за да стаса до површината на Црвената планета. Доколку оваа мисија биде успешна, првите податоци на Земјата треба да ги испрати во текот на 2021 година.

Во април годинава Кина соопшти дека нејзината прва вселенска мисија за истражување на Марс ќе биде наречена „Тјанван-1“ (Прашања до небото).

Мисијата предвидува маневри како што се излегување и ротирање во орбитата на Марс, слетување и движење по површината на Црвената планета. Доколку сиве овие задачи минат во ред, кинеските научници очекуваат податоци кои ќе им овозможат да ја проучуваат атмосферата, релјефот, геолошките и карактеристичките на магнетното поле, што би помогнало во одгатнувањето на мистеријата за потеклото и еволуцијата на Марс и целиот Сончев систем.

Главната мисија е да се пронајдат можни знаци на живот на Марс, како и да се овозможи астрономите да разберат дали условите на планетата може да се променат во иднина и дали таа некогаш може да биде погодна за живот на луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.