Во Кочани алармантно, од Кризниот штаб бараат засилени контроли

Најмалку две приватни забави „виновни“ за двојното зголемување на позитивни на коронавирус во Кочани. За само четири дена во оваа општина бројката порасна за 60 нови случаи. Структурата на заразените различна, од здравствени и текстилни работници до наставници. Потврден е и еден случај на вработен во градинка. Растот на бројките на итна седница го свика Општинскиот кризен штаб. Од таму побараа засилување на кампањата за носење на маски и интензивирање на контролите во угостителски објекти.

Според информациите од општинскиот кризен штаб утринава корона вирусот однесе уште една жртва во Кочани. Почина и 22 годишно момче од Свети Николе. Вчера имаше двајца починати во штипската Клиничка болница, а минатата недела и тројца граѓани на Делчево ја изгубија битката со вирусот.  Расте и бројот на случаи  кои со тешка Клиничка слика завршуваат во болница, бидејќи доцна се јавуваат на лекар.

– Граѓаните да не ги  занемаруваат и да ги кријат симтомите. Веднаш нека побараат совет од лекар кој ќе утврди дали има потреба од тестирање и дали се работи за корона вирус или сезонска вироза. –  апелираат од Здружението на матични лекари од Кочани.

Во меѓувреме расте бројот и на позитивни и сомнителни случаи на корона вирус во детските градинки. Освен во Кочани каде има потврден, сомнителен случај има и во детска градинка во Свети Николе. Таму се чекаат резултати за адмнистративен работник кој немал контакт со деца.