Во Колумбија 32 осудени за речиси илјада убиства и исчезнати

Колумбиското правосудство во рамките на историскиот процес благодарејќи на кој беа решени речиси илјада убиства и случаи на исчезнати лица уште од 2000 година, осуди на 8 години затвор 32 поранешни припадници на паравоените единици.

Осудените му припаѓале на движењето Обединета самоодбрана на Колумбија (AUC) од екстремната десница, која беше создадена во североисточниот дел на земјата во средината на 1990-те години со цел да се бори против герилците од крајната левица. Движењето беше распуштено во 2006 година.

Законот за правда и мир кој произлезе од пактот склучен во 2006 година со владата на поранешниот претседател Алваро Урибе, кој беше на должност од 2002 до 2010 година, предвидува намалени казни за припадниците на паравоените единици кои ќе се согласат да се демобилизираат, да ги признаат злосторствата и да ги обештетат жртвите.

Благодарејќи на „овој историски процес“ на жртвите на вооружениот судир во Колумбија им е „гарантирано почитување на основното право на правда“, се наведува во соопштението на министерството.

Во судирите во Колумбија, најдолгиот вооружен конфликт на западната хемисфера, во кој учествуваа герилци, паравоени сили и силите на редот, загинаа повеќе од 260.000 луѓе, а околу 60.000 се водат како исчезнати. Додека 7,1 милиони луѓе се раселени поради судирите.

„Оваа пресуда овозможи решавање на 250 случаи на убиства, 324 случаи на исчезнати лица, 213 присилни преселувања, 173 илегални регрутирања и 14 случаи на насилство“, се појаснува во одлуката на обвинителството.

Обединета самоодбрана на Колумбија (AUC) е одговорна за 4.260 директни и индиректни жртви.

Во Колумбија во ноември 2016 година по долг преговарачки процес во кубанската престолнина Хавана беше постигнат историскиот договор со левичарското герилско движење FARC, а на почетокот од септември беше договорен првиот билатерален прекин на огнот со ELN, последното активно бунтовничко движење.