Во Конго 14 жртви на непозната болест, нови случаи на еболата

Пратениците од провинцијата Гванго во западниот дел на Демократска Република Конго побараа од спикерот на тамошниот парламент Кристоф Мбозо да преземе итна акција како одговор на непозната болест во регионот, пренесува во понеделникот локалниот весник Actualite.

„Непозната болест ги убива нашите сонародници, 14 лица веќе починаа. Потеклото на оваа болест е сѐ уште непознато“, изјавил парламентарецот Паси Запамба.

Гувернерот на покраината Жаб-Мари Пти-Пти, пак, за агенцијата AFP, изјавил дека првиот случај на непознатата болест е откриен пред еден месец. Досега жртвите се само стари лица на возраст од 60 до 80 години, и сите живееле во областа Касонго-Лунд.

Истовремено во понеделникот министерот за здравство Јуџин Нзанзу Салита во владата на провинцијата Северно Киву изјави дека се регистрирани три нови случаи на еболата, со што вкупниот број досега потврдени случаи на зараза со опасната болест се зголемил на вкупно 11 инфекции.

До денеска идентификувани се 11 заразени со вирусот ебола, од кои четворица починале а двајца оздравеле, го цитира Reuters министерот Салита.

Сегашната 12-та епидемија на ебола во ДР Конго беше прогласена на 1-ви февруари годинава, кога заразата е потврдена кај жена во болницата во Бутембо, а нејзиниот сопруг се заразил од еболата кон крајот на минатата година. Жената починача два дена подоцна, а властите преземаа вакцинирање на локалното население против еболата.

Областа Бутембо беше едно од жариштата на десеттата епидемија на еболата која беше прогласена на 1-ви август 2018 година а заврши на 25-ти јуни 2020 година. Во тој период биле заразени 3.470 лица од кои починале 2.287 луѓе.

Првиот случај на зараза со вирусот на еболата е пријавен на територијата на денешен ДР Конго во 1976 година. Стапката на сртност во текот на првите епидемии се искачуваше до 90 отсто. Благодарејќи на создавањето на вакцината за вирусот, смртноста од еболата во моментов се проценува на 40 отсто. Во Конго од август 2018 година се употребува вакцината на фармацевтската компанија „Merck“, а од јануари 2020 година се користи и вакцината на компанијата „Johnson&Johnson“.

Најголемата епидемија на еболата според бројот на заразените беше во 2014 до 2016 година во Западна Африка, која однесе повеќе од 11.000 животи.