Во Конгресот на САД го повикаа Трамп да запре со провокациите против Иран

Воздухопловната база Аин ал-Асад, една од најстарите и најголеми американски бази во Ирак

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, демократката Ненси Пелоси, преку социјалните мрежи во средата порача дека треба да се престане со провокатвните дејствија против Техеран, а Вашингтон сѐ уште не ја коментира веста во иранските медиуми за 80 жртви во одмазничкиот ракетен напад.

„Со внимание ја следиме ситуацијата околу нападот врз американските бази во Ирак. Должни сме да ја осигураме безбедноста на нашите трупи, особено, да ставиме крај на непотребните провокации на претседателската администрација и да го повикаме Иран да стави крај на своето насилство. Америка и светот не можат да си дозволат војна“, напиша Пелоси на Twitter.

Ноќта кон средата, Корупсот на гардата на исламската револуција, елитните воено-политички сили во Иран, го објави почетокот на операцијата за одмазда на американското убиство на иранскиот генерал Касем Сулејмани во Багдад.

Иранските сили ги изведоа нападите со ракети од типот „земја-земја“, според извештаите со балистички и крстосувачки проектили, врз базата  Аин ал-Асад во западениот пустински дел на Ирак во покраината Анбар, и врз базата крај Ербил, во Ирачки Курдистан, во кои се стационирани американски војници.

Според податоците на иранскиот телевизиски канал Press TV, во двата брана ракетирања имало 80 жртви, но официјален Вашингтон не ја потврдува оваа информација. Напротив, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „сѐ е во ред“.

Од своја стрнаа, пак, врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамнеи нападот врз американските бази во Ирак го нарече „шлаканица за САД“, истакнувајќи дека американските трупи мора да го напуштат регионот.

Иранскиот министер за одбрана, Амир Катами, не ја исклучи можноста од „дополнителни мерки“ против Американците во регионот, истакнувајќи дека тие ќе зависат од однесувањето на Вашингтон.

Претходно во вторникот, пред нападите, секретарот на Врховниот совет за безбедност на Иран, Али Шамхани, најави 13 сценарија за одмазда на САД за убиството на генералот Сулејмани, и порача дека дури и „најмалите“ од нив ќе преставуваат „кошмар за Америка“.