Во Косово уапсен поранешен командант на ОВК и е префрлен во притвор во Хаг

Поранешниот командант на ОВК Салих Мустафа е уапсен во Косово и префрлен во притвор на посебниот суд во Хаг задолжен за судење за воените злосторства извршени на Косово во текот на борбата за независност, објави судот во четвртокот.

„Канцеларијата на посебниот обвинител го уапси денеска на Косово Салих Мустафа, согласно налогот за трансфер и со потврдено обвинение“, се вели со соопштението.

Информациите за датумот на првото појавување на Мустафа пред судот ќе бидат наскоро објавени. Мустафа е еден од основачите на ОВК и тамошен шеф на разузнавачките служби.

Во потврденото обвинение против Мустафа кое е објавено по неговото апсење се тврди дека кривичните дела како противправно лушување од слобода, сурово постапување и мачење се извршени над најмалку шест лица во април 1999 година, како и убиство на најмалку едно лице во истиот месец таа година.

Со потврденото обвинение Мустафа се „товари според различни форми на кривична одговорност за противправно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиство како воени злосторства извршени во контекст на вооружениот судир на Косово кој немаше меѓународен карактер и во врска со тој судир“, стои во обвинението.

Според него, тој водел служба која управувала со затворот и местото за испитување каде затворениците се претепувани, мачени,  меѓу другото и со електрошокови и врз нив е урнирано. Мустафа, стои во обвинението, не само што го надгледувал ова насилство туку и лично учествувал во претепувањето, а за еден затвореник утврдил дека е шпион, по што тој е убиен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.