Во ковид центрите се лекуваат 638 пациенти

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 638 и има околу 920 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерство за здравство.

– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола е хоспитализиран 41 пациент позитивен и суспектен на ковид-19. Во болницата во Штип е хоспитализирани 51 пациент. На инфективното одделение во Тетово има 8 пациенти, во Велес се лекуваат 49 болни, а во Куманово 55 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 30, во ковид центарот во Гостивар 11, а во Струга 16 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 35 пациент, во Кочани 15 во Кичево 3, Кавадарци 17, а во Гевгелија 5 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти – се вели во соопштението.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, а голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 13 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 9 примени пациенти и 1 бил примен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 36 оздравени пациенти.

– Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 74 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 88 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 92 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 5 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид 19 вирусот – велат од министерството.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Од утрово поради намалениот број на пациенти е затворен ковид центрoт на Клиниката за Гастроентерохепатологија.