Во изминатите 24 часа во „ковид центрите“ во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации предизвикани од коронавирусот SARS-CoV-2, a вкупно 437 лица сомнителни и потврдени на заболувањето Covid-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град.
Како што извести во саботата Министерството за здравство, во последното деноноќие на скопските интерни клиники имало вкупно 24 приеми, од тоа пет пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во „ковид-центарот“ на Клиниката за неврологија, двајца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, а ист број на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за очни болести, тројца болни на Клиниката за Нефрологија и седум во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло.
Во „ковид-центарот“ во Гратската општа болница „8-ми Септември“ пријавени се 13 нови приеми на пациенти во петокот, а на Инфективната клиника имало нови 11 приеми поради коронавирусот, во истиот 24-часовен период.
Истовремено, се информира дека во изминатото деноноќие од скопските „ковид-центри“ се отпуштени 68 оздравени пациенти. Не е прецизирано дали бројот на новозгрижените и оздравените се од подрачјето на Скопје или, пак, станува збор за пациенти од целата територија на земјата, коишто поради тешката форма на болеста или немањето згрижувачки центри на локално ниво се препраќаат во „ковид-центрите“ во главниот град.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 14 пациенти, на Клиниката за неврологија 31 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симтоми на корона вирусот. На Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 22 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 12 пациенти, а на Клиниката за уво нос и грло 12 болни.
Во ГОБ „8-ми Септември“ има вкупно 105 пациенти, на Клиниката за инфективни болести лежат 152 болни додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 23 пациенти, од кои 10 деца и 13 возрасни.
Вкупно 437 пациенти потврдени и сомнителни за Covid-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, a голем дел од нив се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, во саботата утрото до 8 часот имало 70-ина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8-ми Септември“.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, додаваат од Министерството за здравство.