Во Крива Паланка три пожари за едно деноноќие

Командирот на Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, Иле Коцевски информира дека во трите пожари изгореле седум декари дабова шума и половина декар сува трева.

Сите три пожари се во приградскиот реон.

Вчера околу пладне на магистралниот пат М2, Крива Паланка – Граничен премин Деве Баир кај местото Пашина воденица запалена е сува трева. На пожарот интервенираше екипа со двајца пожарникари кои за 15-тина минути го ликвидираа пожарот, изјави Коцевски.

Околу 16 часот во ТППЕ Крива Паланка примени се две дојави за пожар.

Првата дојава е за запалена куќа во село Длабочица, стара падната куќа од која се потпалила и околната дабова шума, при што изгореле околу пет декари шума. Интервенирано е со едно возило и четворица пожарникари. Втората дојава околу 16:30 часот е за запалена млада дабова шума во село Мартиница. Во гасењето на пожарот учествуваа двајца пожарникари, еден шумочувар и еден граѓанин, а опожарени се два декари шума, додава Коцевски.

Согласно законските прописи доколку се фатат лицата кои намерно или од невнимание предизвикуваат пожар покрај прекршочна казна за плаќање должни се и да ја надоместат направената штета.

Апелирам до месното население да не пали стрништа, да не пали оган на отворено бидејќи самите временски услови, како и големите количини собран горлив материјал од чистење на имотите, допринесуваат пожарот брзо да се шири и се предизвикува голема или ненадомествилва материјална штета, додава Коцевски.

Казните за предизвикување пожар се високи и можат да достигнат и до 3.000 евра во денарска противвредност.