Во Куманово вработени 413 лица преку проектот „Македонија вработува 2“

Во кумановскиот Центар за вработување преку проектот  „Македонија вработува 2“ се вработени 413 лица, соопшти раководителот Милорад Тренчевски.

Вработени се различни  возрасни категории невработени лица, така што работодавците добиле ослободување од плаќање придонеси за три, пет години, а за некои невработени и до пензионирање. Тренчевски притоа информираше дека обуката за советување и претприемништво е нова обука од годинава, која претходно се реализирала во рамките на проектот самовработување.

„Огласот започна да тече од 15 мај и ќе трае до исполнувањето на бројката од 950 лица на државно ниво. По завршување на обуката, учесниците ќе добијат сертификат“, информираше Тренчевски.

Обуката ќе ја користат лицата кои ќе аплицираат за мерката самовработување, што според Тренчевски е најатрактивна мерка во Центрите за вработување.

За мерката самовработување со неповратни средства кои годинава се во износ од 4.000 евра аплицирале 106 невработени лица во Центарот за вработување Куманово. Тренчевски рече дека се очекува новиот оглас, втор годинава, кој треба да излезе кон крајот на мај и почеток на јуни.

Со оглед на фактот што Куманово е чевларски град најчесто  со оваа мерка се отвараат мали производни капацитети, чевларски работилници, работилници од други занаетчиски дејности, но и мали трговски дуќани и адвокатски канцеларии.

Мерките од Оперативниот план за вработување, според него, даваат резултати во однос на намалување на невработеноста во Куманово.

Во моментов во Центарот за вработување Куманово има 18.877 невработени лица,од кои 9.801 лице активно бараат работа и тие се пријавуваат еднаш месечно, а 9.076 лица се пасивни баратели на работа и тие се пријавуваат на евиденцијата еднаш на шест месеци.

Мерките од оперативниот план  најмногу се насочени кон лицата до 29 години и пет активни мерки се однесуваат исклучиво на оваа категорија невработени.

„И новиот оглас за претпримеништво се однесува  за лица до 29 години. Тука е и обуката за практикантство каде имаме 176 апликации од млади лица, а вклучени се 123 правни субјекти каде досега се ангажирани 79 лица на три месеци“, рече Тренчевски.