Во Либија ликвидирани турски војници, Анкара носи терористи, тврди LNA

Силите на Либиската национална армија (LNA), лојални на маршалот Калифа Хафтар, извршиле напади врз аеродромот Митига, при што биле убиени неколку турски војници, објави во неделата портпаролот на групацијата која дејствува од северот на Либија, кој ја обвини Анкара дека во земјата префрлила десетици илијади џихадисти од сириското боиште.

„Последните денови изведовме напади врз воените објекти на аеродромот Митига крај Триполи. Тоа се објекти кои не ги користат групите на Мисрата, туку непосредно турските вооружени сили. Тие беа уништени, станува збор за радари, системи за противвоздушна одбрана. Има и убиени меѓу турските војници во оваа операција“, изјавил портпаролот на LNA, Ахмад ал-Мисмари на прес-конференцијата во египетската престолнина Каиро.

Ал-Мисмари истакнал дека LNA извела напади врз Мисрата, уништувајќи „сѐ што го претставува турското присуство“, вклучително и воени складишта. Додаде дека LNA отфрла секакво турско присуство на либиска територија и оти „ќе сториме сѐ за да ги протераме“.

Покрај тоа, според ал-Мисмари, силите на Либиската народна армија продреле во некои области во Триполи, но се придржуваат до примирјето, а борбените операции се спроведуваат како „одговор на провокациите“ од страна на силите на Владата на националното единство, меѓународно признатата влада.

Во продолжение на прес-конференцијата, ал-Мисмари ја обвинил официјална Анкара дека досега во Либија префрлила околу 2.000 милитанти на џихадистичките организации Исламска држава и Џебхат ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда), како и околу 7.500 платеници од боиштата во Сирија.

„Бројот на терористите коишто (турскиот претседател Реџеп Тајип) Ердоган ги доведе во Либија достигна околу 2.000 борци, вклучително и припадници на Џебхат ан-Нусра и Исламската држава, а бројот на сириските платеници достигнува 7.500. Секојдневно Турција испраќа по 400 терористи, превезувајќи ги (во Либија) со помош на цивилното воздухопловство“, рекол ал-Мисмари.

Регистрирано е бегството на 190 од сириските платеници во Европа, истакнал портпаролот на Либиската народна армија.

Ал-Мисмари тврди дека околу илјада офицери и воени советници на турските вооружени сили се наоѓаат во Либија, а притоа Анкара се подготвува во земјата од Сирија да префрли уште 6.500 терористи.

„Турците инсталираа радарски станици и ракетни системи во Митага (воздухопловната база каде што е и единствниот цивилен аеродром во Триполи кој е во функција – з.р.) и Мисрата, што ние го оценуваме како нарушување на примирјето и на тоа веднаш реагираме, уништувајќи ги“, рекол портпаролот на силите на Хафтар.

Портпаролот на LNA порачал дека нивните сили го поддржуваат прекинот на огнот и се обидуваат да ги спречат милитантните групации на владата во Триполи да го корист за остварување на свои цели.

„Кога тоа се случува, ние се судираме со нив, одговарајќи на сите нивни напади. Нанесуваме удари врз изворите на огнот (од непријателот) и складиштата со муниција. Армијата влезе во редица квартови во Триполи, но преземените обврски за прекинот на огнот не дозволуваат да напредува. Ние се бориме за мир во Либија и го браниме нашиот народ“, додал ал-Мисмари.

Либија по соборувањето на Моамер ел Гадафи во 2011 година е поделена помеѓу ривалските страни кои се борат за превласт. Но, нивните судири се интензивираа во април минатата година кога Хафтар презеде голема офанзива врз Триполи, но меѓународно признаената влада возврати и настана пат позиција.

Меѓународно признаената Влада на Фајез ал Сараџ, со седиште во Триполи контролира помал дел од државата. Додека генерал Хафтар, чие седиште е во Тобрук, контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња.

Ситуацијата во земјата дополнително се комплицира со финансиска, дипломатска и воена помош од странски сили за спротивставените страни. Турција, која ја поддржува Владата во Триполи веќе испрати војници во Либија. Владата во Триполи ја поддржуваат и Катар, САД и Италија. Хафтар има помош од Русија, Египет, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Саудиска Арабија и Франција.