Во Луганск, Доњецк и Херсон бараат референдум за присоединување на Русија

Советите (парламентите) на самопрогласените по превратот во Киев во 2014 година „народни републики“ во Луганск и Доњецк доминантно руски и рускојазични области на југоистокот на Украина, апелираа до челниците на овие региони Леонид Пашечник и Денис Пушилин неодложно да се одржи референдумот за присоединување кон Руската Федерација, како што тоа пред осум години го сторија жителите на црноморскиот полуостров Крим.

Како што известуваат во понеделникот руските медиуми, истовремено и челникот на воено-цивилната привремена администрација на Херсонската област која е под контрола на сепаратистичките и руските сили, Кирил Стремоусов, објави на социјалните мрежи дека слично барање за распишување референдум имаат и тамошните жители. Според него, референдумот нема да биде крајната точка и оти населението сака да добие гаранции дека регионот ќе влезе во составот на Русија.

Александр Кофман, претседател на советот во Доњецк, изјавил дека дошло времето да се „избрише непостоечката граница меѓу нашите држави“. Ја истакнал, исто така, и важноста од воспоставување руска граница меѓу Доњецк и Украина.

„Во врска со сето горенаведено барам од челникот на Доњецката Народна Република, Денис Пушилин, и Народниот совет на ДНР да донесат соодветна одлука за итно одржување референдум“, изјави Кофман.

Народниот совет од ЛНР, исто така, во обраќањето за јавноста истакнува дека присоединувањето кон Русија „не само што ќе претставува славење на историската правда, туку и ќе ја заштити нејзината територија“.

Според претседателот на луганскиот Народен совет, Алексеј Карјакин, тамошното население верува дека стабилноста на регионот ќе дојде по плебисцитот. Истовремено истакнува дека референдумот „не е прашање на еден ден“, па затоа е прерано да се зборува за датумот за негово одржување.

Во текот на денот водачот на проруските сепаратисти од Доњецк, Денис Пушилин за барањата за референдум разговарал со лидерот на соседниот регион Луганск, Леонид Пасечник, предлагајќи да се обединат напорите на администрациите и парламентите на двата региона, кои ја сочинуваат историската област Донбас, при преземањето на првичните чекори за подготовките на референдумот, за кој рекол дека „одамна лебди во воздухот“. Двајцата сепаратистички лидери разговарале и за обединување на безбедносните структури во заднината на засилените обиди на украинските сили да ја продолжат запрената противофанзива во пошироката област.

„Мислам дека, имајќи ги предвид и изминатите години и во текот на овие осум години кога во еден момент се родија републиките, кога републиките одржаа референдум на ист ден во 2014-та, и сега ќе го сториме истото, но нашите дејствија мора да бидат синхронизирани“, рекол Пушилин.

Кон средината на февруари челниците на Луганск и Доњецк побара од Русија да ја признае нивната независност прогласена во март 2014 година, откако со поддршката на Западот во Киев беше соборена тогашната влада кој одржуваше тесна соработка со Москва. На 21-ви февруари, рускиот претседател Владимир Путин кој осум години ги отфрлаше апелите на проруските сепаратисти од југоистокот на Украина, ги потпиша декретот за нивно признавање како засебни ентитети. Три дена подоцна, објавувајќи дека мировните договори од Минск од 2014-та и 2015-та меѓу бунтовниците од Донбас и властите во Киев, а на кои гаранти беа и Русија, Германија и Франција, целосно пропаднале поради однесувањето на украинската власта, Путин нареди руските единици да ја минат границата. Притоа рускиот претседател истакна дека првичната задача, како што официјално ја нарекува Москва „специјалната воена операција“, е заштитата на населението во Донбас по информациите дека Киев во март подготвува воено решени на конфликтот со руското и рускојазичното население.

Андреј Турчак, секретар на Генералниот совет на владејачката Единствена Русија, за агенцијата РИА изјавил дека „ослободените територии“ на ЛНР и ДНР, како и Херсонската област „ќе влезат во составот на Русија“, како и дека истото важи за Запорошкиот дел во јужна Украина, каде што треба да се одржи таков референдум која ќе се стабилизира безбедносната ситуација.