Во мај просечната плата достигна 28.721 денари

32

Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава просечната месечна исплатена нето плата по вработен изнесува 28.721 денари, што претставува зголемување за 8,8 отсто во однос истиот месец лани или за  2.331 денари за една година, соопшти владината прес-служба, посочувајќи дека ова е показател за континуираниот раст на просечната исплатена нето плата во државата.

Според статистика, ваквиот раст се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во секторите уметност, забава и рекреација за 29 проценти, објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 28,7 отсто и други услужни дејности за 14,4 проценти.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано и во секторите објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 7 отсто, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 5,5 проценти и снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 5,3 отсто.

Топ три сектори со највисока просечна исплатена нето плата по вработен во државата се информации и комуникации, финансиски дејност и дејности на осигурување, како и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

„Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите, кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата. Доколку последниот податок го споредиме со јуни 2017 година кога просечната плата била 22.808 денари, разликата е 5.913 денари или тоа е раст од 25,93 отсто. Ако пак ја земеме просечната плата од јуни 2017 година и ја споредиме со јули 2013 година кога изнесувала 21.013 денари, согледуваме дека растот на платата бил 1.795 денари или само 8,54 проценти. Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4 до 5 отсто и покачување на платите за 20 до 30 проценти се со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“, се нагласува во соопштение од Владата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.