Во Македнија смртноста е меѓу највисоките во Европа

Македонија го надмина прагот од 1.000 починати. Во последните 24 часа починале уште десет лица, а бројката на новозаразени со новите 865 случаи стигна до вкупно 32.436.

Земјава во последните месеци руши црни рекорди во регионот поради стапката на смртност на милион жители, каде што за првпат вчера Црна Гора се искачи над нас според процентот.

За алармантниот број смртни случаи, дел од лекарите велат дека причината не е само доцното барање помош, туку и дека граѓаните не можат да стигнат на ред да се тестираат, при што се губи многу време.

Најголемите компликации и смрт од КОВИД-19 доаѓаат најчесто поради хронични болести, велат здравствените власти, но Владата и покрај ваквите статистики и натаму е одлучна дека хронично болните мораат да одат на работа. Сите над 45-тата година кај нас имаат по некоја хронична болест, веројатно тоа е причината, велат експертите.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека сите државни лаборатории располагаат со доволен број тестови за КОВИД-19 и дека капацитетите се значително зголемени.

„Во вчерашната статистика, од вкупно направени 3.294 тестирања, во државните лаборатории беа направени скоро 1.800 теста, од кои само 1.310 во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, каде деновиве речиси двојно е зголемен капацитетот.“

Само последнава недела земјава изброи 107 починати, а коронавирусот докажа дека не ги брои годините, по смртта на 27-годишниот кумановец без никакви коморбидитети.

По бројот на смртни случаи на милион жители, нашата земја се наоѓа на дваесеттото место во светски рамки.