Новата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека во 2022 година, повеќе од милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и кај адолесцентите (од 5 до 19 години).
Лошата исхранетост, во сите нејзини форми, вклучува неисхранетост, но и зголемена тежина и дебелина. Неисхранетоста е одговорна за половина од смртните случаи на деца под пет години, а дебелината може да предизвика незаразни болести како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак.
-За враќање кон исполнувањето на глобалните цели за спречување на дебелината ќе биде потребно владите и заедниците да работат, со поддршка од политики засновани на докази од СЗО и националните институции за јавно здравје. Уште поважно е дека ќе биде потребна соработка со приватниот сектор, којшто мора да биде одговорен за влијанието на своите производи врз здравјето, изјави д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
-28,4% од возрасните во Северна Македонија живеат со дебелина
Во нашата држава, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6%, а кај децата и адолесцентите за 7,4% споредено со 1990 година.
Повеќе од 10 години, Институтот и Центрите за јавно здравје ја спроведуваат „Иницијативата за следење на дебелина кај децата“ на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот COSI, имплементирана во 45 држави од европскиот регион. Оваа иницијатива е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина.
-30,5% од децата од 6 до 9 годишна возраст во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина
-13,8% од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина.
Постојат разлики во преваленцата на зголемена телесна тежина и дебелина според пол, односно дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата.
Повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини.
Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон развој на зголемена телесна тежина кај децата.
Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата:
•32% од децата од 6 до 9 годишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата;
•Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4% и повеќепати секој ден;
•Само 24% од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21% консумираат свеж зеленчук.
Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди, како клучни детерминанти на дебелина:
•Приближно 40% од децата од 6 до 9 годишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно;
•Вкупно 48% од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата;
•Повеќе од половина (63%) активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед.
Дебелината е сложено хронично заболување. Причините се добро познати, како и интервенциите коишто се потребни за контрола на кризата, кои се поткрепени со силни докази.
Клучни интервенции се:
•активности за поддршка на здрави практики од првиот ден, вклучително и промоција, заштита и поддршка на доењето;
•регулативи за штетниот маркетинг на храна и пијалаци за деца;
•политики за храна и исхрана во училиштата, вклучувајќи иницијативи за регулирање на продажбата на производи со висока содржина на масти, шеќери и сол во близина на училиштата;
•фискални и ценовни политики за промовирање здрава исхрана;
•политики за нутритивни информации на етикетите;
•кампањи за едукација на јавноста и зголемување на свесноста за здравата исхрана и вежбањето;
•стандарди за физичка активност во училиштата; и
•интегрирање на услугите за превенција и управување со дебелината во примарната здравствена заштита.
Трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Северна Македонија се одржуваат стабилно на високо ниво. Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување.
-Борбата со дебелината нема да ја добиеме преку решенија само во здравствениот сектор. Носителите на одлуки во различни сектори треба овој јавноздравствен предизвик да го стават високо во своите приоритети и да овозможат услови во кои дебелината нема да го оптоварува здравјето уште од детска возраст, посочува проф. д-р Игор Спироски, главен истражувач на COSI во Северна Македонија.