-Денеска во Македонија постојат граѓани од прв и граѓани од втор ред и оваа поделба која е фактичка е директен производ на однесувањето на власта на Зоран Заев. Граѓани од прв и од втор ред е ситуацијата во која 500 000 граѓани живеат со едвај 150 денари на ден, а политичарите од власта и нивните блиски одат на скапи летувања и зимувања, возат најмодерни коли, мотори и јахти, се гоштеваат со државни картици и народни пари – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прослава во охридскиот Античкиот амфитеатар, по повод 31. роденден на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него граѓани од прв и втор ред е кога стотици илјади луѓе не може да стигнат до вакцина против ковид, не се ниту вакцинирани, додека власта, нејзините семејства и блиски се вакцинираат пред сите други возрасни, хронични болни, мајки, трудници, па не само што се вакцинирани туку и веќе се ревакцинирани.
-Граѓани од прв и втор ред постојат кога огромно мнозинство на граѓани кои целиот свој работен век плаќале за здравствено осигурување не може да добијат лекарска грижа и мора да одат на приватен доктор, додека оние кои ја крадат државата на дневно ниво и им се поприоритетни провизиите, без проблем си плаќаат услуги во приватното здравство. Едноставно, не е фер и не е чесно – рече Мицкоски.
Тој коментира дека граѓани од прв и втор ред е кога луѓе лежат луѓе во затвор за украдени тегли ајвар, а првенците на Заев како Ден Дончев, Рашкоски, Катица, Боро Малборо и десетици други со полни џебови да седат дома и никогаш да не се соочат со правдата.
-Граѓани од прв и втор ред е кога луѓе да се малтретираат и викаат на разговори за потпишан реверс за фотокопир машина и новинари поради објавен текст, а Вице Заев за кој има сомнение дека рекетирал 250 илјади евра, Ковачевски кој местел тендери или Спасовски кој делел пасоши на мафијаши да не се повикани ниту на разговор во обвинителството. Граѓани од прв и втор ред е кога обичниот човек треба да плаќа дополнителни 4 денари по литар бензин, а соодветно на тоа и поскап превоз, храна и останати трошоци, додека оние од власта нема тоа поскапување ни да го почувствуваат бидејќи се возат со бензин кој ние им го плаќаме и јадат храна која ние им ја плаќаме. Граѓани од прв и втор ред е кога патриоти лежат во затворите како наводни терористи, а вистински убијци и терористи од ИСИС се шетаат по светот со македонски пасоши на слобода – додаде Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред присутните во Античкиот амфитеатар посочи дека граѓани од прв и втор ред е состојба кога кланот Заеви бележи фантастични салда и успеси на своите приватни компании, додека сите просечни македонски бизниси пропаѓаат зошто економијата тоне, власта не ја пушта ветената помош, а криминалот царува, кога Љупче Путерот и Рашкоски патуваат и се сончаат во Дубаи и Мексико, во време кога народот буквално умира поради неспособноста на власта да менаџира со кризата.
-Не може Владата да ги третира судиите како граѓани од прв ред, и да им ги покачува платите на нула проценти успешност во борба против криминалот, во исто време кога судската полиција е на минималец, со пиштоли кои не работат и искинати униформи, а докторите кои секој ден се во првите борбени линии против пандемијата не може да ја земат покачената плата којашто им ја ветуваа со месеци. Нема граѓанин кој секојдневно не чекал ред во државна институција за документ или било каква услуга, додека сателити со врски со луѓето од власта пролетуваат и веднаш , буквално веднаш, завршуваат работа. Не може синовите и ќерките на главешините од власта без мака да добиваат десетки на факултет и веднаш да се вработуваат, додека децата на работниците да се убиваат од учење и никогаш да не се вработат. Не смее репер да биде Зоран Заев кој секој пат кога говори за тоа како ја стекнал онаа империја и милиони кажува различна приказна, затоа што тоа што е со крадење стекнато не може да биде лесно испрано, или оној фараон градоначалник кој може да биде само фараон за спиење и неградење. Тоа не е правилната слика. Има уште стотици и стотици вакви примери. Доста е! Доста е веќе! Преку глава од вакви работи. Ова мора да престане. Македонија е на сите, а не на СДСМ. И на сите вас кои ве третираат како граѓани од втор ред во својата држава, но и на овие од власта кои се однесуваат како граѓани од прв ред имам да ви порачам една работа и запомнете ја добро- Македонија за сите луѓе- рече Мицкоски, најавувајќи ја ноата политичка стратегија на ВМРО-ДПМНЕ.