Во Македонија доаѓаат експерти од Газпром

Експерти од Газпром деновиве доаѓаат во земјава и заедно со македонските колеги активно работат на реализација на спогодбата што македонската Влада ја потпиша лани на 23 јули во Москва за изградба на крак од гасоводот Јужен тек кон Македонија.

Се вршат детални анализи кои треба да ја одредат рутата на кракот од гасоводот и вредноста, условите и роковите за снабдување на земјава со руски природен гас.

Како што објави ТВ Канал5, по техничко економската анализа, односно физибилити студијата руски Газпром и Македонски енергетски ресурси се очекува да формираат заедничка компанија за проектот за изградба на крак со удел од по 50 проценти.

Со неговата изградба земјава ќе добие долгорочна енергетска стабилност, бидејќи ќе се обезбедат потребните количини на евтин гас и за индустријата и домаќинствата, изјави премиерот Груевски по посетата на Москва.

Иако Македонија првично не беше предвидена во овој проект, Владата упорно инсистираше и работеше на вклучување кон оваа гасоводна мрежа што и обезбеди на земјава стабилна енергетска иднина и економски напредок, но и можност за внатрешна секундарна мрежа. За неа е веќе распишан јавен повик, а реализацијата на овој проект ќе значи поевтинување и до 40% на трошоците за домаќинствата.

Анализа направена за гасификација на скопскиот регион покажува дека на пример еден стан од 80 метри квадратни ако користи природен гас за една грејна сезона има намалување на трошоците од 24% во однос доколку користи парно.