Во Македонска Каменица засадени 10.000 цвеќиња

375

Во Македонска Каменица заврши активноста за засадувањето на 10 илјади пролетни цвеќиња кои придонесуваат за хортикултурно разубавување на градот. Техничкиот директорот на Јавното претпријатие „Камена Река“, Влатко Димитровски, истакна дека сопственото производство на цвеќиња кое се практикува последниве две години му носи заштеда на претпријатието.

 

„Порано ги купувавме цвеќињата, а еве веќе две години ние во сопствените оранжерии ги произведуваме и со тоа штедиме пари. Само со годинашниве пролетни цвеќиња, заштедивме околу 300 илјади денари. Пари кои ќе ги намениме за други активности на претпријатието. Засадуваме најразлини видови и декорираме по сите зелени површини, на влезот и излезот на градот. Заедно со есенските цвеќиња, вкупно во оранжериите произведуваме над 15 илјади најразлични видови. Целта ни е да го разубавиме нашиот рударски град, да го оплемениме просторот и да изградиме убав урбан имиџ“, истакна Димитровски.

 

Додаде дека со малку креативност и идеи преку интернет успеале да изработат цветни аранжмани и декорации користејќи стари материјали.

 

„Така, стари автомобилски гуми, ги обоивме и направивме убави цветни декорации. Од стар автомобил фиќо, кој го обоивме, направивме одлична декорација и го поставивме во центарот на градот и мислам дека е одлична атракција, а повторно ја изградивме куќата на цвеќињата. Само во неа има 500 саксии на петунии“, рече Димитровски.

 

Паралелно со цветните аранжмани, ЈП „Камена Река“ работи и на поставување нова урбана опрема и замена на старата оштетена во центарот на градот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.