Во Марсеј најдено шесто тело, се стравува од домино ефект, на североистокот се урна уште една зграда

Телото на шеста жртва, маж, најдено е во средата по урнатините на трите стари згради во центарот на францускиот крајбрежен град Марсеј кои се урнаа во понеделникот, а пристапот кон неколку околни згради е забранет, бидејќи локалните власти стравуваат од домино ефект, а во средата вечерта во североисточното местото Шарлевил-Мезиер во североистокот на Франција се урна уште една зграда, но засега нема информации за жртви или настрадани, пренесува телевизијата BFMTV.

Телата на тројца мажи и две жени беа пронајдени под урнатините од вторникот утрото. Три жртви биле станари на една од урнатите згради.

Причините за уривање на зградите властите сѐ уште ги немаат утврдено. Зградите во оваа улица се изградени во XVIII век и се потпираат една на друга. Властите веруваат дека во единствената легално населена зграда во моментот на несреќата се наоѓале пет луѓе и тројца гости.

Инцидентот во Шерлевил-Мезиер се случил во 19,20 часот по локално време, односно 20,20 часот по македонско време, кога се урнала зграда во којашто имало само три апартмана. Спасувачите морале да употребат подвижни скалила за да ѝ помогне на жена којашто не можела самата да се извлече од оштетениот објект. Во меѓувреме евакуирани се сите станари на соседните згради, вкупно околу 50 луѓе.

Претходно во средата францускиот претседател Емануел Макрон престојуваше во посета токму во Шарлевил-Мезиер, како дел од неговата патување по локациите кои се поврзани со настаните од Првата светска војна во пресрет на одбележувањето на стогодишнината од нејзиното завршување.  Макрон во гратчето дури одржа и вонредно заседание на министерскиот кабинет.

Уривањето во Шарлевил-Мезиер дојде во атмосферата на заживеаната полемика за дотраените станбени згради, којашто се разгоре во јужниот дел од земјата, откако во понеделникот во Марсеј се урнаа трите згради, од кои едната била во руинирана состојба и ненаселена.