Во Мека започна умра, со ограничен број верници

Првата група муслимански аџии пристигна во неделата во саудискиот град Мека, на умрата (или ткн малиот хаџ), седум месеци откако овој обред беше одложен поради избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Секој ден, влегувањето во Големата џамија во Мека ќе биде дозволено за 6.000 аџии кои престојуваат во Саудиска Арабија. На аџиите постепено ќе им биде овозможено влегување во џамијата за да се намали опасноста од ширењето на заразата.

Саудиските медиуми пренесуваат дека од 27-ми септември се издадени повеќе од 108.000 дозволи за умрата. Исто така, објавија и снимки од аџиите на малиот хаџ со маски на лицата и на пропишаната оддалченоста кога ја обиколуваат Каба, главната светија на исламот во форма на црна коцка.

Муслиманите надвор од Саудиска Арабија ќе може да почнат да доаѓаат на умра од 1-ви ноември. Тогаш дневно во Големата џамија ќе може да влезат до 20.000 аџии.

Саудиското министерство за хаџ на аџиите им ставило на располагање апликација за паметните телефони со чија помош може да се регистрираат и да го резервираат своето место.

На умрата вообичаено секоја година во Саудиска Арабија се слеваат милиони верници. Минатата година тоа го сторија 19 милиони муслимани. Малиот хаџ, инаку, може да се изведе во секое време во текот на годината.