Во налет на такси на пешаци во Москва седум повредени, возачот приведен

Во налетот на такси возило во саботата во центарот на руската престолнина Москва во непосредна близина на посетуваниот Црвен плоштад, поведени се седум лица, а возачот е приведен откако најверојатно загубил контрола над возилото, објавија властите во земјата во којашто се одржува Светското фудбалско првенство а мерките за спречување инциденти и можни терористички напади е на највисоко ниво.

„Денеска во близина на улицата Илинка, кај бројот 5/2, возач на такси се качи на тротоарот и повреди минувачи“, наведува руското министерство за внатрешни работи во соопштението.

Првично министерството објави за осум повредени, но во новото соопштение наведува дека станува збор за седум настрадани. Меѓу полесно повредените се и двајца државјани на Мексико, соопшти амбасадата на оваа земја во Москва.

„Станува збор за обична сообраќајна несреќа во којашто никој не е потешко повреден. Според првичните сознанија, причина за инцидентот е губење контрола над возилото. Возачот е приведен во полициска станица“, наведува министерството за внатрешни работи додавајќи дека овие информации се проверуваат.

„Чинот не бил планиран, според она што го изјави возачот“, објави на Twitter службата за контрола на сообраќајот во Москва. Возачот е 28-годишен Киргиз, според возачката дозвола објавена на социјалната мрежа. Објавени и се фотографии на кои се гледа такси возило жолта „хонда соларис“ на тротоар со турнат заштитник.