Во нападот на Крим 19 мртви, мотивот уште не е утврден

Најмалку деветнаесет лица се убиени а повеќе десетици се ранети во средата во политехничкиот колеџ во кримскиот пристанишен град Керч, во вооружениот напад на еден ученик кој пукал врз соите училишни колеги и предизвикал експлозија пред да си го одземе животот, потврди рускиот Истражен комитет, наведувајќи дека мотивот засега не е утврден.

Иако функционерите во првични изјави излегоа со претпоставки дека станува збор за терористички напад, Истражниот комитет, кој е владино тело коешто ги истражува најтешките злосторства и несреќи, соопшти дека нападот во Керч засега се третира како масовно убиство, а не терористички чин.

Видое снимките од местото на нападот прикажуваат оклопни транспортери и воени камини пред колеџот, како и десетици амбулантни возила. Напаѓачот е идентификуван како Владислав Раслјаков, ученик во четврти клас чиешто тело било пронајдено во библиотеката на вториот кат од објектот. Засега не се познати мотивите за неговиот крвав поход врз учениците во колеџот кој потсетува на сличните масовни пукања во американските училишта и факултети.

Рускиот претседател Владимир Путин, повика на минута молк за почест на жртвите, повеќето на тинејџерска возраст. „Јасно е дека станува збор за злосторство. Мотивите ќе бидат детално истражени“, порача Путин. Нареди повредените да се префрлат во водечките здравствени установи во Москва и другите градови во Русија доколку има пшотреба.

Директорката на Керчскиот политехнички колеџ, Олга Гребенјикова, изјави за кримските медиуми дека насекаде имало тела на деца. Истрагата соопшти дека прво во кантината експлодирала импровизирана експлозивна направа наполнета со метални делови, и поради тоа има многу ранети со повреди од шрапнели/

Војската на местото на нападот распореди околу 200 војници и десетина возила и хеликоптери за да им се помогне на службите за вонредни ситуации. Министерството за вонредни состојби испрати неколку хеликоптери и транспортен авион „Ил-76“ со психолози и спасувачи.