Во нападот на воениот комплекс во Кабул убиени 11 војници

Во нападот на џихадистите од Исламската држава во воените комплекс во Кабул во понеделникот според последните податоци убиени се 11 војници.

Министерството за одбрана потврди дека петмина вооружени милитанти во понеделникот утрото го нападнаа воениот комплекс пред една од главните авганистанските воени академии и притоа се убиени 11 војници, а уште 15 ранети. Четворица напаѓачи се убиени, а еден е уапсен.

Министерството за одбрана извести дека нападот започнал во мугрите со минофрлачи и бомбаш самоубиец, а продолжил со престрелка.

На воената академија „Маршал Фахим“ се обучуваат авганистански офицери, а обуката ја изведуваат странски експерти. Обновена е со помош на британските воени сили, а ја нарекуваат уште и „Сандхарст на песок“.

Ланскиот октомври напаѓач самоубиец на влезот од воената академија уби 15 кадети во автобус кој се подготвувал да го напушти комплексот.

Ова е трет напад во авганистанската престолнина за само десет дена. Во нападот на талибаните извршен со експлозиви во амбулатно возило во добро обезбедуваниот кварт во центарот на Кабул на 27-ми јануари се убиени најмалку 103 лица, а уште 235 се ранети. Точно една седмица претходно во друг талибански напад во луксузниот хотел „Intercontinental“, беше убиено 41 лице, од што речиси половината странски државјани.