Војната ја предизвика најтешката светска криза со храна од 2008 година, тврди ММФ

Според Меѓународниот монетарен фонд, околу 345 милиони луѓе се соочуваат со недостиг од храна опасен по живот.

Војната во Украина ја прекина испораката на жито и вештачко ѓубриво предизвикувајќи ја најтешката криза за безбедноста на храната од глобалната финансиска криза од 2007 и 2008 година, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според новиот извештај, ММФ проценува дека 48 земји кои се најмногу изложени на недостиг на храна, се соочуваат со вкупно зголемување на увозните трошоци од девет милијарди долари во оваа и следната година поради наглото зголемување на храната и цените на ѓубривата.

Ова ќе ги исцрпи резервите на многу чувствителни држави и земји погодени од конфликти, кои веќе се соочуваат со проблеми во платниот биланс по пандемијата на ковид-19 и зголемувањето на цените на енергијата.

„Само оваа година проценуваме дека на најекспонираните земји им требаат седум милијарди долари за да им помогнат на најсиромашните домаќинства“, изјавија директорката на ММФ Кристалина Георгиева и другите претставници на Фондот.

ММФ повика на брзо зголемување на хуманитарната помош преку Светската програма за храна и други организации, како и преку планирани фискални мерки во погодените земји, за помош на сиромашните, но нагласи дека приоритет на владите треба да биде борбата против инфлацијата.

ММФ, исто така, повика на укинување на забраните за извоз на храна и други протекционистички мерки.

Пред почетокот на воената операција, Украина беше меѓу првите пет извозници на жито, додека Русија и Украина беа главни извозници на ѓубрива.

Продолжувањето на испораките од пристаништата на Црното Море, како дел од договорот со Русија, само делумно го ублажи недостигот на храна.