Американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се обратат пред светските лидери собрани во седиштето на Обединетите нации на првиот ден од Генералното собрание на организацијата.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, иранскиот премиер Ебрахим Раиси и германскиот канцелар Олаф Шолц се, исто така, меѓу оние што ќе говорат на 78-то Генерално собрание во Њујорк во вторникот.
Седмицата во светската организација започна во понеделникот со Самитот за цели за одржлив развој на Обединетите нации. Почнувајќи од вторникот следните денови говори ќе одржат повеќе од 140 премиери и шефови на држави.
Зеленски, кој лично присуствува на настанот во Њујорк првпат од почетокот на војната, веројатно ќе привлече најголемо внимание – и ќе присуствува на многу споредни состаноци. Зеленски во понеделникот попладне пристигна во Њујорк со сопругата Олена.
Војната на Русија против Украина, која започна во февруари 2022 година со изговорот на Москва дека сака да го заштити мнозинсткото руско население на југоистокот од прогон и геноцид започнат во 2014 година со превратот во Киев, најверојатно ќе игра важна улога во многу говори во ОН.
Зеленски на социјалните мрежи напиша дека „ќе презентира конкретен предлог до членките на ОН за тоа како да се зајакне принципот на територијален интегритет и да се подобри капацитетот на ОН за спречување и запирање на агресијата“. Тој, исто така, истакна дека ќе се сретне со Бајден во Вашингтон подоцна во текот на неделата, заедно со членовите на Конгресот и военото раководство.
Рускиот претседател Владимир Путин, исто како и кинескиот претседател Кси Џинпинг, нема да присуствува на Генералното собрание, а како и минатата година, кога исто така не допатува во Њујорк, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ќе биде негов застапник на средбата во Њујорк.