Војничка сага

2689

„Ако сакате да ја срушите државата, срушете им ја одбраната“ е старо правило напишано од големи воени стратези. Токму затоа, една од најважните професии, воедно најчесна и директно поврзана со одбраната на државата е воената професија, односно да се биде воено лице, професионален војник или старешина-подофицер и офицер, а командувањето, односно раководењето со одбраната и армијата претставува одговорна работа, која не трпи импровизации и комбинаторики. Но, да ја погледнеме поблиску ситуацијата во Министерството за одбрана на Република Македонија, и да видиме дали можеме да бидеме сигурни дека нашата држава нема да биде срушена.

Министерството за одбрана со водењето на лошата одбранбена политика во последните 2-3 години ги наруши основните столбови на системот за одбрана, а со тоа и на државата. Тоа значи дека основните принципи на одбрана и безбедност на државата (народот, територијата, природните богатства и ресурси, развојот и иднината) се доведени на многу ниско рамниште и сме во реална опасност. На експертите од оваа област и професионалните работници-воени лица им е јасно што значи ова. Нарушени се мерките и активностите за ефикасно спроведување на подготовките на одбраната и справувањето со идните безбедносни закани, ризици и предизвици. Фактичката состојба која драстично отстапува од законската регулатива, директно ги доведува во прашање националните интереси и води кон ослабувањето на капацитетите и способностите за остварување на одбранбените цели. Немањето визија и лошата кадровска екипираност, особено начинот на поставување и водење на персоналот, доведува до неисполнување на основните побарувања за постигнување на НАТО интеграција во колективниот систем за безбедност како наша стратешка определба и уште полошо немање реален план со дефинирани капацитети и способности за спроведување на подготовките за одбрана и заштита на државата од сите видови загрозувања.

Министерката за одбрана досега се пофали со:

– висока транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки, а не одговори: колкав е процентот на реализација на буџетот во одбрана конкретно за оваа година, каде ќе завршат средствата од нереализираните тендери и каде е одговорноста за нереализација?
– потпишување на нов колективен договор на одбраната со кој наводно се подобруваат условите за вработените, а од тоа во реалноста нема ништо, дури и се укинуваат цели уредби и правилници, со години не се испочитувани ни досегашните законски обврски што ги има министерството кон вработените, дури ни тие предвидени со сегашниот Закон за служба што само по себе е тежок престап.
– со државниот приоритет број еден, членството во НАТО кое ќе ја отвори економската врата за нашите фирми за настап на големиот пазар, се води лоша политика кон компаниите со кои треба да се развива наменското производство (а, ги имаме неколку) и се наметнува прашањето што е направено на ова поле, и дали се има визија.

Доволна е мала анализа кон состојбата на соседите од оваа област и да заклучиме дека многу доцниме и постојано одиме назад, и ги затвораме нашите капацитети. Лошото менаџирање со одбраната воедно доведе и до нарушување на одбранбените ресурси и способности, особено во делот на: човечките ресурси, инфраструктурата, модернизацијата и опремувањето и тренингот и обуката.

Човечките ресурси (персоналот), кој беше главниот адут за интеграција во НАТО и ефикасен систем за одбрана, сега се движи кон критичната точка и постојан недостаток на потребен персонал. Исклучително лошиот менаџмент со човечки ресурси води кон масовно напуштање на армијата, барање на нови професии од високо образовани старешини, дури и од возрасни офицери, и се’ помал интерес за војничката професија. Доволно е да направите споредба колку лица конкурираат за едно место на ПфВ-скоро еден на едно место, што не беше ситуација порано. Тоа е голем показател дека возот наречен МО и Армија одамна оди кон провалија. Војската како посебна државна установа секојдневно го губи своето достоинство и углед од следните причини:

– Немање потребна лична опрема (читајте внимателно, не дека недостасува туку нема). Карактеристика на секоја армија во светот која е самостојна, независна и подготвена да ги извршува барем основните задачи е еднобразноста и опременоста со лични средства и е основа за вреднување на секој војник како фактор. Повеќе од две години се најавуваат нови униформи, маскирно-борбени, службени и потребни делови, барем по два комплета, но сеуште ги нема. Доволно е внимателно да ги гледате снимките на телевизија или добро да ги погледнете војниците кои ги сретнувате во разни ситуации и се ќе ви биде јасно, ретко ќе видите војник со здрава униформа, сите униформи се крпени или комбинирани со друг тип на платно, а веројатно воените лица се принудени и сами да шијат униформа или од ветровка да прават палто и слично. Ова е под достоинството на секој војник, подофицер и офицер. Каде ќе завршат досега планираните финансиски средства за униформи? Каде е транспарентноста на јавните набавки со кои се пофали МО?

– Немање позитивни реформи во системот за плати и бенифиции со цел да се направи воениот повик попривлечен. Платите се ниски, не е платено прекувременото ангажирање, теренските активности се ноќна мора поради ниски дневници, лошите услови и лоша опрема, работа ноќе, за празници и викенди и не е соодветно регулирана и основната дневница од 610 денари (непроменета од самото формирање на армијата што е далеку пониско од потребната од таа во другите државни институции). Ангажирање на персоналот на редовни задачи наместо да биде соодветно платено се компензира со незаконско давање слободни денови што негативно влијае кај персоналот и борбената готовност. Се шпекулира дека персоналот има по неколку стотина слободни денови.

– Непочитување на законската регулатива и неефикасно спроведување на постоечките закони за бесплатно здравствено осигурување што е посебен проблем и го руши достоинството на воените лица (сега воените лица плаќаат партицијација која тешко и во сложена процедура се враќа и тоа најчесто не се признава). Јавно здравство скоро и да не постои, а од приватните амбуланти кои се признаени од јавното здравство не им се признаваат ниту трошковите, ниту документите. Заклучок: бесплатно здравство кое се плаќа!!!

– Станбеното обезбедување кое е нерешено кај повеќе од 80% од персоналот претставува област со кое се манипулира и уценува персоналот. Во секоја Армија дури и во нашето соседство е тема која се решава со примена на сите позитивни закони и се смета за прашање од приоритет. Доволно е да ги следите написите во воените и други списанија посветени на армиите и лесно ќе дојдете до заклучок.

– И така нискиот стандард е дополнително оптоварен со немањето на основните услови за живот и работа. Ова ќе ви стане јасно доколку и малку посветите внимание на разговор со некој припадник на Армијата. Нема регулирано дневен оброк за секој и време за дневен оброк и секој припадник се снаоѓа како знае, носат од дома бидејки во воените објекти нема одкаде да се набави. Моите податоци зборуват дека во другите армии во нашиот регион дневниот оброк е пракса која никогаш не е прекината. Само во македонската армија тоа не постои, при што директно го загрозува моралот и стандардот.

– Веќе е стара тема дека во дел од воените објекти нема вода за пиење (истата е неисправна за пиење) и мораат да се снаоѓаат. Повеќе пати можевме да прочитаме во изминатиот период за ова. Во зимскиот период во поголем број објекти немаат затоплување.

– Лошото водење во кариерата на персоналот е посебно изразено, што може да доведе до нарушување на системот за командување и влијае на заминување на најквалитетниот персонал (на работа во странство, во моментов има исклучително квалитетни старешини кои ја напуштија армијата и се во ОБСЕ, ИНТЕРПОЛ и други институции). Со непочитување на законските регулативи и постоечкиот концепт за развој на офицерскиот и подофицерскиот кор нарушена е персоналната пирамида за унапредување на персоналот. Направен е дисбаланс кај офицерските и подофицерските чинови. А посебно е изразено поставувањето на должности и позиции-форсирање на поединци блиски до авторитети (без оглед на капацитетите).

Крајно време е реално да се согледаат проблемите и итно да се преземат мерки и активности за подобрување на системот за одбрана. Војнички кажано, да се посветат на: човекот како најважен фактор, моралот, здравјето, опремата и неговата обученост. Само тогаш би имале цврста, мобилна, опремена и способна армија, која ќе биде гарант дека државата нема да биде срушена.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.