Во Њујорк започна новата рунда преговори за името

Во седиштето на Обединетите нации во Њујорк во петокот започна средбата на министерите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со личниот пратеник на Генералниот секретар на светската органзиација, Метју Нимиц, објави шефот на македонската диплоамтија на неговиот твитер профил.

Во пресрет на новата рунда разговори за името, Димитров и Коѕијас одржаа одделни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на кои се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.

Средбата следува откако грчката страна го одби предлогот „Република Илинденска Македонија“, а очекувањата од оваа рунда преговори се големи, со оглед на оптимизмот за можно надминување на спорот за името со кој настапија премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас на нивната минатонеделна средба во Софија.

Можни предлоси се „Нова Македонија“ и „Горна Македонија“, коишто според грчките медиуми, повторно се враќаат на преговарачката маса откако Атина индиректно ја одби придавката „Илинденска“. Според грчката влада, треба да се најде прифатливо решение со географска или временска одредница, но во рамките на пакетот предлози од Нимиц.

Во меѓувреме, македонските преговарачи информираа дека не се откажува од предлогот „Република Илинденска Македонија“, којшто, според нив, ја одразува мултиетничноста на земјава и како таков е добар за да се реши долгогодишниот спор.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, на прашањето дали Атина веќе го одбила овој предлог, само одговори дека името треба да исполнува два критериума: да прави разлика со историскиот регион Македонија во Грција и да не содржи иредентистички елементи.

За грчката опозиција Илинден претставува синоним и аспирација за „Голема Македонија“ и несфатливо е како грчката влада прифатила да преговара за него.