Магазин

Во новиот ресторан „Umbrella“ вработени 10 лица со попреченост

Во новиот ресторан „Umbrella“ вработени 10 лица со попреченост

Во Градскиот трговски центар синоќа беше отворен ресторанот „Umbrella“, каде се вработени десет лица со попреченост.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека планот за работењето на ресторанот, каде ќе има и вработени лица со попреченост, е единствената идеја што навистина ќе даде придонес кон она кое Владата постојано го зборува, а тоа е дека сите граѓани во Република Македонија треба да ги гледаме како потенцијал.

– Можеби онаа деинституализација што ја зборувавме на почетокот, што ја пишувавме во програми, звучеше тешко, неважна за нашето опшество, но во суштина е многу важна, нагласи Царовска.

Посочи дека со тоа правиме лицата со попреченост од изолираните институции да бидат донесени во заедницата, да работат, и како што потенцираше, заедно да се смееме и заедно да споделуваме.

– Колку повеќе научиме да сакаме и да ги прифаќаме различните, толку подобро општество ќе имаме, толку подобра Македонија ќе имаме, порача Царовска.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев посочи дека со задоволство ја прифатил идејата.

– Сите сме исти, сите сме еднакви и сите имаме и можност и сите мора да ја имаме таа можност да можеме да заработиме и да можеме сами, со поддршка на сите околу нас, да си обезбедиме нормален приход и нормален и пристоен живот во нашата земја, истакна Богоев.

Професорката Софија Георгиевска изрази задоволство што била дел од проектот, односно дел од обуките кои ги имале лицата со попреченост.

– Идејата потекнува од сопственикот на локалот. Станува збор за идеја што е многу благородна. Идејата е да се вработат лица со попреченост, меѓутоа ова да биде место што ќе биде препознатливо по добра услуга и по многу насмевки, наведе Георгиевска.

Информираше дека проектот во најголема мера е финансиски поддржан со средства на сопственикот на локалот, посочувајќи дека се добиени донации и од осум компании.

Проектот ужива поддршка од Министерството за труд и социјална политика, Општина Карпош и Агенцијата за вработување, додека Филозовскиот се јавува како партнер од аспект на кадар и поддршка со студенти.