Во Охис има уште два вида хемикалии што можат да предизвикаат хаварија на Скопје

Владо Момировски, директорот на фирмата „Екоцентар 97″, која се грижи за отстранување на опасните хемикалии од фабриката ОХИС и што го чистеше опасниот материјал пред неколку дена, изјави денеска за медиумите дека во фабриката има уште 11 видови на отпад, од кои два се од опасен вид, и може да предизвика хаварија на ниво на Град Скопје.

„Станува збор за 11 видови отпад, распоредени една од друга повеќе од километар и пол. Во тие 11 видови спаѓаше хлорот и виниум хлорид. Хлорот е веќе отстранет, другите девет се спакувани и подготовени за извоз. Во процедура е дозволата која ја чекаме, и потоа ќе биде изнесена со крајна дестинација Швајцарија”, рече Момировски.

Тој рече дека виниум хлоридот може да предизвика хаварија доколку не биде отстранет.

„Проблемот е со виниум хлорид за кој немаме решение. Тој мора да се отстрани при ниски температури. Ниту еден од нашите партнери од Германија или од други земји не сакаше ниту да направи увид, а не преточување на оваа опасна хемикалија. Додека не се направи увид, не можеме ништо да направиме. Има само две печки во Европа кои може да го согорат. Винимум хлоридот е исчистен од Европа пред 30 години”, изјави Момировски.

Тој додаде дека цистерната е 24 часа чувана со обезбедување, секојдневно ладење и мерење. Истакна дека, ако се случи хаварија со истата, тогаш може да биде со кобни последици.

„Не би сакал да помислам што би се случило при евентуален проблем со виниум хлоридот. Немало никаква контрола, особено последните години кога се растури фабриката. Би можело да има хаварија на цел град. Затоа при изнесување, нема да ја повториме грешката, и навреме ќе ја известиме јавноста за да не дојде до несакани стравови и узбуни”, рече Момировски.