Во Охрид вандализиран дигиталниот споменик на Григор Прличев ден по поставувањето

Во средата во Долна порта во Охрид беше поставен дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите, но ден потоа овој виртуелен споменик е вандализиран.

-После нецели 48 часа од промоцијата, Паметниот споменик на Виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција, објави на својот Фејсбук профил проф. д-р Анис Сефиданис чија компанија „Сефиданис“ го изработи овој иновативен систем.

Според него непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите.

-Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само искривувања да нанесат на истите, наведува професорот и додава дека случајот е веднаш пријавен во СВР Охрид, направен е увид и известено е Јавното обвинителство.

Во моментов, споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид  на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот, нагласува проф. д-р Анис Сефиданис.

Инаку дигиталниот паметен споменик на Григор Прличев, вклучуваше и технологија за препознавање на говор на македонскиот јазик, како и високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев, синхронизиран со говор, кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот. За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска  интелигенција за дигитална фотограметрија.

Дигиталниот споменик требаше да го краси плоштадот на уметноста Долна Порта и дење и ноќе, и во лето и во зима, нудејќи им уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите преку спознавање на културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест.

– Дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина која се наоѓа на пресекот меѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки. Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство кое не може да се најде на друго место, посочи Општина Охрид на промоцијата на оваа иновација.