Стотици илјади луѓе ќе умрат како последица од нелекуваната туберкулоза поради нарушувањата во функционирањето на здравстените системи особено во сиромашните земји во светот, а причина е пандемијата на коронавирусот, обајви во средата Глобалниот фонд за борба против СИДА-та, туберкулозата и маларијата чиешто седиште е во швајцарска Женева.
Во неколку од најсиромашните земји во светот, големиот број смртни случаи како последица на СИДА и туберкулоза (ТБЦ) може дури и да го надмине бројот на починатите од самиот коронавирус, изјави за Reuters Петер Сандс, шеф на споменатиот Глобален фонд.
Во средата беше објавен извештајот на Фондот за минатата 2020 година во кој се укажува дека бројот лица кои се лекуваат од туберкулоза резистентна на лекови во земјите во коишто ова тело за глобална помош дејствува, паднал за 19 отсто. Во програмите за превенција и лекување од ХИВ (СИДА) евридентиран е пад од 11 отсто.
„Всушност, од туберкулоза во 2020-та се лекувани околу милион луѓе помалку отколку во претходната 2019-та и стравувам дека тоа неизбежно ќе резултира со стотици илјади смртни случаи“, изјавил Сандс.
Иако сѐ уште нема прецизни податоци за бројот на смртните случаи, Сандс вели дека во некои од сиромашните делови на Африка, како субсахарската област Сахел, полусушна зона на западна и централна Африка која се протега од Сенегал до Судан, би можело да има повеќе умрени од последици на туберкулоза и СИДА, поради назадувањето во борбата против овие заболувања, отколку од Covid-19.
Сандс вели дека на досегашното дејствување на Фондот влијаеле „затворањата“ на земјите поради пандемијата на коронавирусот.
Поточно, клиниките, медицинскиот персонал и дијагностиката којашто вообичаено се користи во лекувањето на заболените од туберкулоза се прерасподелени за потребите на лекувањето на заболените од Covid-19 во земјите како Индија и ширум Африка. Додава и дека годинава се очекува продолжување на истите проблеми поради позаразната делта варијанта на коронавирусот.
Според Сандс, намалениот обем на лекување на другите болести „укажува на потребата од согледување на севкупното влијание на Covid-19 врз разните сегменти на здравствениот систем, како и на неопходноста од согледување на успехот во борбата против оваа болест“.
Маларијата, пак, се покажала како исклучок кога станува збор за трендот во 2020 година, а превентивните активности останале стабилни или се зголемени во однос на претходната 2019-та, се наведува во извештајот на Глобалниот фонд.
Глобалниот фонд во Женева е здружение на влади, граѓански здруженија и партнери од приватниот сектор кои годишно вложуваат над 4 милијарди долари во борбата против туберкулозата, маларијата и СИДА-та. Најголеми донатори се САД.