Во полициска операција во Турција приведени 275 лица, претежно воени лица

Турските власти денеска наредија апсење на 275 лица, главно воени лица, под сомнение дека биле поврзани со мрежа за која Анкара тврди дека го организираше неуспешниот воен преврат во 2016 година.

Во полициската операција со која се командуваше од Измир, уапсени се 145 лица во 22 покраини, а осомничените, од кои повеќето се уште се во армијата, наводно биле во контакт со следбениците на Фетулах Ѓулен, кој е осомничен дека е главен организатор на неуспешниот пуч.

Во друга операција, полицијата уапси 16 припадници на армијата во текот на викендот во Дијарбакир, град во североисточна Турција.

Локалниот суд денеска одреди притвор за шестмина уапсени додека чекаат судење, додека десет лица беа ослободени. Истанбулската полиција соопшти дека обвинителството наредило апсење на 44 воени офицери, меѓу кои и еден мајор и тројца поручници, како и лекари и наставници.

Турската полиција соопшти дека 33 лица се уапсени во операција спроведена во осум покраини.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со години ги обвинува следбениците на Ѓулен дека формираат „паралелна држава“ со инфилтрирање во полицијата, судството, армијата и другите државни институции. Околу 80.000 луѓе чекаат судење од обидот за преврат, додека околу 150.000 цивилни, воени и други државни службеници се отпуштени или суспендирани.