Во политиката сè е можно: Опозицијата бара избори во мај, власта ги најавува за 2024-та, ќе гласаме ли годинава?

Активна блокада во Собранието од дел од пратениците од опозицијата ја одбележа изминатата 2022 година година. ВМРО-ДПМНЕ почна со блокадата во мај, која, како што тогаш најавија од партијата, ќе трае сè до договор за датум за предвремени парламентарни избори. Блокадата, според партијата, подразбираше и „попречување на штетните закони и политики“. За власта и покрај бојкотот и блокадите, Собранието функционираше.

За предвремени парламентарни избори, стабилноста на парламентарното мнозинство, како и оценка за работата на Собранието изминатата година, МИА побара одговори од поголемите парламентарни политички партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица, ЛДП, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Движење БЕСА.

Власта и опозицијата не отстапуваат од своите ставови. Според СДСМ, предвремени парламентарни избори нема да има и ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година, а ВМРО-ДПМНЕ предлага тие да се одржат напролет, во периодот меѓу 14 и 21 мај 2023-та.

Зголемените активности на терен за СДСМ не значат и подготовка за предвремени избори, туку, како што посочија од партијата за МИА, изминатиот циклус на трибини е само продолжување на интензивните активности на партијата со цел граѓаните одблиску да се запознаат со политиките на СДСМ, но и да ги слушнат нивните мислења, идеи и предлози.

Кампања која подразбира контакт со граѓаните само пред избори, според оваа партија, е одлика на ВМРО-ДПМНЕ.

– Изборите ќе се одржат во 2024 година и тоа прашање е апсолвирано. СДСМ е отворена партија, блиска до граѓаните и преку различни форми, средби со општинските организации, поширок формат на трибини, СДСМ докажа дека е одговорна партија и како таква постојано со народот, посочија од партијата.

Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски вели дека парламентарни избори ќе има заедно со претседателските во 2024 година и не се планира реконструкција на Владата.

– Јас сум човек кој се држи до своите ставови и не менувам ставови како други политичари и избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, а потоа парламентарни избори, рече премиерот кој е убеден дека во 2024 година повторно ќе има Влада, што исто така ќе биде предводена од СДСМ и коалиционите партнери кои се за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување до 2030 година во ЕУ.

Според најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, хаосот во власта, состојбите во државата и анкетите на јавното мислење покажуваат дека изборите напролет се неопходност.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во моментов политичката состојба во земјава е неподнослива, како меѓу партиите така и внатре во некои партии, односно во СДСМ, ДУИ и Алтернатива. Од партијата најавуваат искористување на сите механизми за постигнување на својата цел и креативност во изнаоѓање начини за одржување на тие избори.

Бидејќи од партијата предлагаат предвремени избори во мај, според нив, изборната кампања би почнала на 25 април.  Целта на тие избори, како што брифираа од партијата, е ресет на системот и воведување на поголема стабилност.

ВМРО-ДПМНЕ како свој партнер во идната влада би сакала да ги види албанските опозициски партии за кои, иако се согласуваат дека ја немаат силата што во моментов ја има ДУИ, сепак сметаат дека постои големо незадоволство и кај гласачкото тело на етничките Албанци кои веруваат дека би поттикнале одредени промени во таа насока.

За ДУИ, предвремени парламентарни избори ќе нема и не треба да има.

– Не треба да има предвремени парламентарни избори и нема да има, бидејќи сме максимално заинтересирани за реализирање на програмските определби, кои се пред нас и за кои граѓаните ни дадоа мандат. Изборите не се решение, туку решение се адресирање на сите потреби и проблеми на граѓаните, посочуваат од ДУИ за МИА.

Алијанса за Албанците тврди дека е подготвена за избори, кога и да се одржат. Во изјава за МИА велат дека ценат оти на земјата и треба ново мнозинство, нова Власт, постабилна, чиста и која ќе се бори против корупцијата.

Според партијата, приоритет број еден по Нова Година треба да биде носењето на уставните измени, отпочнување на преговорите со ЕУ, како и усвојување на закони и механизми за борба против криминалот и корупцијата.

И од Алтернатива за МИА посочија дека не гледаат посебна причина за предвремени парламентарни избори, но, велат, ако тие се случат, партијата е подготвена да учествуваме со својот политички капитал и учинок во Владата, како и да се натпреварува со нејзината политичка програма. Избори, според нив, и така не очекуваат до 2024-та, а сега, додаваат, е време за работа.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова во писмена изјава за МИА нагласува дека нејзиниот личен став е дека предвремени избори во овој неповолен момент на економска и енергетска криза проследен со војна која се случува на европскиот континент, не треба да има.

– Парламентарното мнозинство е стабилно, што е основен предуслов за непречено функционирање на државата, проблемите се менаџираат и нема ескалација на политичка криза, односно нема ниту една добра причина да се трошат дополнително време и средства за предвремени парламентарни избори што би ја закочиле државата во и онака сложената ситуација на макро ниво. Треба да се научиме она што законодавецот го предвидел како исклучок, да не го воспоставуваме како основно правило што беше случај честа пракса во минатото, потенцира Зајкова.

Секои избори, како што додаде таа, го забавуваат развојот на државата, повторно наидуваме на блокирани институции во делот на надлежностите, но и се товар на буџетот кој е наменет за граѓаните. Сепак, нагласи таа, искуството ни укажува дека во политиката се е можно, поради што не би ја исклучила и таа мала шанса, која доколку се реализира, се надева дека ќе се заснова на врвниот државен и стратешки интерес, наместо теснопартиските или личните интереси на малкумина, што истиот ќе го поткопаат.

Од Движењето БЕСА добивме одговор дека веруваат оти Владата нема капацитет и политички легитимитет за преставување на граѓаните и затоа, според нив, изборите се неопходни. Оттаму веруваат дека во 2023 година треба да има предвремени парламентарни избори.

Левица смета дека предвремените парламентарни избори ќе значат „шанса за возобновување на македонските национални позиции, запирање на процесот на разнебитување на националните елементи и монументален исчекор кон конечната победа на мнозинството над вољата на малкумина“.

– Поголемото присуство на Левица во законодавниот дом ќе се попречи на патот на социјална и државна катастрофа која следи доколку не се зададе конечен удар по злосторничките структури на СДСМ и ДУИ и затоа будно ја следиме состојбата која нагласува предвремени избори. Но, покрај видливите кампањи на големите партии, пострашни се останати припреми кои нагласуваат предвремени избори. СДСМ и ДУИ преку институциите на централната власт и ВМРО-ДПМНЕ преку локалната самоуправа, ги празнат народните каси за јакнење на сопствената структура за престојните избори, нагласуваат од Левица за МИА.

Од партијата веруваат дека во следниот собраниски состав Левица ќе има двоцифрен број пратеници.

За СДСМ парламентарното мнозинство е стабилно и постојано расте, додека ВМРО-ДПМНЕ оценува дека Собранието е нефункционално за носење ниту на закони со просто мнозинство, а не пак за двотретински системски законски решенија.

– Прогресивните, демократски и европски ориентираните партии, ја препознаваат шансата за заокружување на процесот за полноправно членство во Европската Унија. Прашањето за двотретинските закони, е сериозно и државничко прашање. Тоа е прашање на принципи, дали останатите пратеници го поддржуваат европскиот пат или не, велат од СДСМ.

СДСМ, додаваат од партијата, повикува на општествено и политичко обединување за европскиот пат на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека со активната блокада успеале да спречат дел од штетните решенија, а дел да ги успорат.

– Собранието е нефункционално, ниту за закони со просто мнозинство, а не пак за двотретински системски законски решенија. Во коалицијата на власт владее хаос. Криминалот и корупцијата и поделеноста во владините табори се отсликува и во Собранието. Со активната блокада успеавме да спречиме дел од штетните решенија, а дел да ги успориме и тоа ќе биде така се до избори, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ за МИА.

Парламентарното мнозинство, според ДУИ е стабилно и оттаму сметаат дека не се соочиле со некоја криза во рамки на парламентарното мнозинство.

– Максимално сме фокусирани на реализирање на определбите за кои се залагавме пред граѓаните и за кои добивме доверба, а кои се преточени во владини определби за која програма сите ние сме гласале. Затоа сме максимално фокусирани да го извршиме овој мандат до крај, со целосно реализирање на сите тие барања на граѓаните, така што не постои никаква криза ние сме максимално заинтересирани да обезбедиме еден широк проевропски фронт со сите политички партии, невладини организации, сите засегнати страни, почнувајќи од политичките партии за реализирање на нашата стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ час поскоро, велат од ДУИ.

Алијанса за Албанците вели дека не само за двотретинско, туку Собранието во многу случаи немаше ни просто мнозинство.

– Да потсетиме само на еден важен момент, гласањето на заклучоците за францускиот предлог со кој се отвара патот за ЕУ. Мнозинството немаше доволен број пратеници ни за кворум и Алијансата за Албанците го спасијовој процес со своите пратеници, велат од партијата за МИА.

Според Зајкова од ЛДП, парламентарното мнозинство во основа е стабилно и единствено кога станува збор за законски решенија од државен и граѓански интерес.

– Убедена сум дека така и ќе остане се додека егзистираме на правилниот пат кон европското семејство овозможувајќи конкретни мерки. Би било некоректно ако не нотирам дека во дел од мерките кои се усвојуваат може да се забележи и придонесот од опозицијата, што е за почит. Што се однесува до двотретинските закони, истите не се условени од стабилноста на парламентарното мнозинство, туку од опозициската волја да учествува во државничките процеси за кои истото е неопходно. Во тој поглед, слушајќи ги изјавите на опозицијата не полагам големи надежи, што е на штета на државниот интерес, но не би исклучила и евентуална промена на нивниот став во иднина, бидејќи сите аргументи го налагаат тоа, вели Зајкова за МИА.

Во крајна линија, според неа, собраниските одлуки се по слободната волја на секој пратеник воден од сопственото убедување за иднината на државата согласно поставените стратешки цели и исправен пред предизвикот да придонесе за нејзиниот развојот макар тоа го чинело личен или партиски рејтинг.

Според Алтернатива, не може да се пофалиме кога станува збор за двотретинското мнозинство, бидејќи за тоа е потребен поширок консензус. Тоа, како што посочуваат, е поврзано директно со сеопштите политички релации помеѓу политичките субјекти.

– Но, од наша страна можеме најодговорно да тврдиме дека ние сме биле и сме подготвени да дадеме наш придонес и во оформување на таквото двотретинско мнозинство, зависно од темата за која е потребно тоа, нагласуваат од Алтернатива.

Во овој момент, како што смета Левица, целосниот собраниски состав е легалистичка потпора за нелегитимна Влада.

– Откако се случи минатогодишниот цирскус околу прекројувањето на мнозинството, хибридниот режим на Зоран Заев се претвори во целосно авторитарен – без легитимитет и со постојана нестабилност која води во политичка криза од невидени размери, непочитувајќи ја народната волја и претварајќи го мандатот од претставничко доверување во трофеј за мрачните крила и струења во СДСМ, чии игри за превласт отвараат уште поголем простор за разнебитување на политичкиот систем од страна на нивниот најголем и надреден коалициски партнер. Политиката е заболена, дегенерира и води кон разврска во која иституциите на Република Македонија нема да можат да ги исполнуваат функциите на сопствениот суверенитет, потенцираат од Левица.

Потполно оттуѓени, додаваат од Левица, „партиите од елитата, кои ја одредуваат иднината и секојдневието на народот, функционираат како криминални синдикати, кои имаат единствена цел на богатење и злоупотреба на моќта, која нивните пријатели од амбасадите кои не се кратковиди, ја легитимираат, бидејќи во историска рамка, домашните политички криминалци не можат да одговорат на предизвиците на нашето време“.

– Противречноста на Левица наспроти сите останати недемократски партии е постојаноста во ставовите и принципите на доверената народна функција кај нашите пратеници, никогаш не отстапувајќи од јасната желба на широката јавност и безгласниот народ во овие темни дни на воено профитерство, висока корупција и обесмислување на судството поради мал број луѓе на државнички функции, нивните пријатели од олигархијата и управувачи од странство. Сепак, покрај Левица во Собранието, очигледно е дека понатамошните предавства како што е и најавеното менување на Уставот се невозможни, затоа што радикализација на политичките дејствија е секогаш можна, во услови кога првпат народната вочја е непосредно изразена преку нашите пратеници, велат од Левица.

За партиите од власта и покрај блокадите од опозицијата во Собранието се изгласаа низа закони и акти во сеопшта служба на граѓаните, додека за опозициските парламентарни партии, законодавниот дом бил нефункционален.

– Во 2022 година, сведоци сме на постојана блокада на Собранието од страна на опозицијата, вклучително и на закони кои подразбираат поддршка на граѓаните во време на криза. Циркус, театар и недолично однесување им приредија на граѓаните, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои често заборават дека се народни избраници и дека интересите на граѓаните треба да им бидат на прво место. Сепак и покрај сите опструкции од страна на опозицијата, во Собранието се изгласа европскиот предлог, со што и отпочнаа преговорите со ЕУ, како и пакет економски мерки вреден 760 милиони евра, за поддршка на граѓаните и стопанството во време на економска и енергетска криза, посочија за МИА од СДСМ.

За опозициката ВМРО-ДПМНЕ, Собрание кое „не носи одлука за да обезбеди храна за студентите и бега од прашања како што е безбедносно-дипломатскиот скандал Онишченко, не само што е нефункционално, туку и девастирано“.

– Ова е само мал опис за состојбата, и тоа само од последниот период. „Падна“ и безбедносниот систем, па затворена комисиска седница се излеа на Јутјуб. Наместо за законски решенија за народот, Собранието нефункционално какво што е, дополнително ја влошува состојбата. Владее хаос во власта, и во коалицијата и во владејачките партии. Затоа се потребни избори со стабилно мнозинство кон вистински решенија за државата, нагласија од партијата.

ДУИ, пак, со апел до сите парламентарни политички партии дека треба да рефлектираат во правец на тоа што е интерес на граѓаните.

– Се соочивме со активна блокада со деструктивен пристап од опозицијата и тоа влијаеше врз динамиката и ефективноста на работата на Собранието. Но, и покрај тоа мислам дека Собранието како целина го постигна својот ефект, иако тоа можеше и поефективно да се заврши. Активната блокада секако дека влијае и врз интересот на граѓаните, бидејќи без никаква причина имаме многубројни законски решенија кои се закочени, во застој, месеци без никакво образложение. Потоа, некои од нив, откако ќе поминат месеци, а некои и години, се усвојуваат од страна на Собранието. Значи, навистина треба секоја политичка партија да рефлектира во правец на тоа што е интерес на граѓаните, нагласија од ДУИ за МИА.

Алијанса за Албанците оцени дека Собранието во 2022 не беше на чело на работната должност и задача.

– Примарната цел му е контрола врз извршната власт, но играше сосема обратна улога, мнозинството беше под диктат на власта. Освен тоа имаше и неколку инциденти, противзаконски дејствија, игнорирање на гласот на опозицијата и несакани случувања. Мнозинството, исто така, не беше стабилно и имавме многу одложувања и задоцнувања, а од друга страна многу наши иницијативи беа игнорирани, потенцираат од партијата.

– Тоа значи дека Собранието функционира и овозможува основа за нормален тек на државата, особено при справувањето со актуелната криза, но не доволно и со ефикасност која граѓаните ја очекуваат и треба да ја почувствуваат во реалниот живот. Тоа особено се должи на нашите беспредметни собраниски дискусии, меѓупартиските обвинувања и активните блокади кои не носат никаков навремен бенефит за граѓаните и државата. Тие сакаат да видат конкретни резултати, а не празна реторика. Опозициските блокади на законските решенија проследени со долготрајни комисиски беседи можеби создава слика дека некој нешто прави, но тоа во суштина е работа чиешто равенство е чиста нула, вели Зајкова.

Најголемата забелешка во последниот извештај за подготвеноста на државата за членство ЕУ е упатена кон Собранието, со критики за недоволно носење на закони и премала употреба на пратенички прашања, а сето тоа, според Зајкова, се должи на политичката поларизација на двата блока во парламентот.

– Се уште имаме низа законски решенија кои треба да овозможат напредок, а се закочени во матичните работни што е крајно неодговорно. Но, изразувам надеж дека следната 2023 година наместо политичка ирационалност ќе не следи прагматичност и политичка зрелост, што доликува на држава подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, посочува Зајкова.

Алтернатива смета дека Собранието во текот на оваа година, работеше со полн капацитет, а мнозинството беше стабилно.

– Иако во низа наврати имавме проблеми со блокадите кои ги наметнуваше опозицијата, главно работата беше солидна и ние, како дел од владејачкото мнозинство, успеавме да донесеме низа закони и акти, кои ќе бидат во сеопшта служба на граѓаните. Секако дека секогаш може да биде подобро, но ако поставуваме прашање дали сме имале функционално собрание во текот на 2022-ра година, одговорот неминовно ќе биде ДА, потенцираат од партијата.

За БЕСА, Собранието се користи од страна на мнозинството само како механизам за гласање на своеволието на партиите од владејачкото мнозинство.

– Гласот на опозицијата не се слуша и во многу сличаи не се остава простор за конструктивни дебати. Ова мнозинство тешко поминува закони со просто мнозинство заради немање капацитет за носење одлуки со поширок конценсус, а камоли за двотретински закони, додадоа од БЕСА.

Според Левица, народните институции никогаш не биле подалеку од народот.

– СДСМ и ДУИ се отворено впуштени во злоупотреба на демократските механизми, со тоа грижејќи се за опстојувањето на авторитарниот режим. Институционалната меморија за ова време ќе ја забележи борбата која Левица ја води против злоупотребите на законодавниот дом кои ги врши владејачката гарнитура преку спикерот, во секој поглед и преку сите механизми, од собраниската говорница и преку кривични пријави за сите злоупотреби на Деловникот и спротивности на Уставот, кои никојпат во историјата не биле во поголем број отколку во времето на Талат Џафери. На скорешниот пример кога спикерот спречи иницијатива за гласање на граѓаните на референдум му следеше и кривична пријава од Левица, во низата примери кои се надополнуваат на кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања како и интерпелација на Талат Џафери поради свесно кршење на Уставот и законите. Правниот сектор на Левица, има поднесено до Државната комисија за спречување на корупцијата и Претставка за утврување на судир на интереси поради неспоивост на функции, посочуваат од Левица.

Оттаму велат дека извршаната власт е „целосно предадена во рацете на предавници“, додека во Собранието, со сите расположливи средства се врши „угнетување на дејствувањето на автентичната опозиција“. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.