Во Полска бараат оцена на уставноста на казната од ЕУ

Полскиот државен правобранител побара до Уставниот суд да разреши дали одредбите на коишто се повикува Судот на Европската унија при изрекувањето на казната за Полска е во согласност со Уставот на земјата, објави неговиот кабинет во понеделникот.

Полската влада на конзервативната партија Право и справедливост (PiS) се спори по низа прашања со Европската унија, поврзани со владеењето на правото и правосудни реформи, кои за власта се потези кон расчистување со комунистичкото минато и корупцијата во правосудството, а за критичарите поткопување на независноста на судството, вклучително и самиот Уставен суд.

Судот на Европската унија (CJEU) во октомври пресуди дека Полска мора да плаќа по милион евра дневно, сѐ додека не го распушти Дисциплинскиот совет на полскиот Уставен суд. Ова тело, задолжено за контрола на работата на судиите, има овластување да го симне имунитетот кој ги штити од кривичен прогон, како и да им ги намали платите доколку утврди пропусти во нивната работа, пристрасност или корупција.

Претходно во септември Судот на ЕУ ја казни Полска со 500.000 евра дневно, бидејќи не го затвори големиот рудник за лигнит, поради кој тужеше Чешка наведувајќи дека нејзините граѓани трпат штети од него. Полска одговори дека рудникот ќе продолжи со работа и дека нема да ја плати казната.

Владата во Варшава ги спори и двете пресуди, а во понеделникот канцеларијата на државниот правобранител најави дека од Уставниот суд ќе побара мислење за уставноста на двете пресуди на Судот на ЕУ, сметајќи дека европското право не е надредено над националното, на што инсистира Брисел.

„Според мислењето на државниот правобранител, овие пресуди на Судот на правдата на ЕУ незаконски ги проширува надлежностите на ЕУ на одредените темелни договори, кршат делови од полскиот Устав и ги игнорираат пресудите на полскиот Уставен суд“, го цитира соопштението службената полска новинска агенција PAP.

Првото сослушување за ова прашање пред Уставниот суд ќе се одржи на 24-ти ноември.